Земјотресот се случил во слабо населената планинска област во близина на Тибет и бил со јачина од 6,9 степени според американскиот Геофизички институт, додека кинеските експерти проценуваат дека силината била 7,1 степени. По првиот удар по половина час следеле уште два потреса со помала јачина.
Новинската агенција Синхуа јавува дека голем број од куќите се урнати, патиштата пресечени од лизгање на земјиште, а телекомуникациските врски отежнати. Државните медиуми пренесуваат дека во земјотресот се повредени 8.000 луѓе. Земјотресот се случил во 1:49 часот по централно-европско време, на 380 километри јужно од градот Голмуд, во областа Јусу и на длабочина од 45 километри, наведува американскиот институт.
Според Синхуа, урнати се повеќе од 85 отсто од куќите во близина на епицентарот. Во таа област живеат близу 80.000 луѓе. Областа е населена со селани и номади Монголи и Тибетанци, а богата е со резерви на јаглен, олово и бакар.
Извор: “Макфакс”