Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди ноќеска централна Србија, при што најмалку две лица загинале, јавуваат српските медиуми. Епицентарот на земјотресот бил на 10 километри од Краљево, а голема вознемиреност имало и во градовите Јагодина, Ужице и Ваљево.

Според Сеизмолошкиот завод на Србија, земјотресот кој бил регистриран во 01.56 минути, бил со интензитет од 7 до 8 степени според Меркалиевата скала. Земјотресот бил почувствуван  во поголемиот дел на Србија, вклучително и во Белград и Нови Сад.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој веднаш го посети Краљево потврди дека еден брачен пар го загубил животот, откако бетонска плоча се урнала врз нивната куќа.

Како што пренесе Српската државна телевизија (РТС) најмалку 50 лица се хоспитализирани во болницата во Краљево. Улиците на Краљево се прекриени со остатоци од бетон, стакло, цигли, малтер и шут, а серија помали земјотреси и натаму го вознемируваат локалното население, пренесе Бета. Во одредени делови на градот нема струја и вода, а спасувачките екипи интензивно работата на теренот.

OhridNews
извор: Makfaks