Денес на одбележувањето на светскиот ден за борба против СИДА-та податоците покажуваат дека во светот живеат 33,2 милиони луѓе заразени со ХИВ вирусот, од што 2,5 милиони луѓе се заразиле оваа година, а од СИДА починале 2,1 милиони луѓе.
Од вкупниот број заболени 2,5 милиони се деца помлади од 15 години. Меѓу заболените 15,4 милиони се жени. Најмногу заразени со ХИВ, односно заболени од СИДА, има во субсахарска Африка 22,5 милиони луѓе од кои 61% се жени.На второ место се Јужна и Југоисточна Азија со четири милиони, а третото место го делат Латинска Америка и Источна Европа со Средна Азија со по 1,6 милиони заболени во секое од тие две подрачја. Во Северна Америка има 1,3 милиони заболени, а во Источна Азија 800 000. На шесто место се Западна и Средна Европа со 760 000 заболени а на седмо Северна Африка и Блискиот Исток со 380 000 заболени.
Во Македонија официјално се регистрирани 102 лица со ХИВ/СИДА. Педесет и пет од нив веќе се починати. Во моментов 12 лица се на третман со антиретровирусна терапија.
Македонија вчера ја промовираше новата стратегија за борба против СИДА 2007/2011 која е фокусирана на пет стратешки области и тоа првенција на ХИВ инфекцијата кај групите под најголем ризик, други превентивни стратегии со поширок опфат, обезбедување третман, грижа и поддршка на лицата кои живеат со ХИВ/СИДА, собирање и користење стратешки информации и координација и градење на капацитети.
Иако новите податоци покажуваат дека процентот на заразени со ХИВ вирусот во светот се стабилизира и бројот на новозаразени се смалува, делимично благодарение на програмите за борба против СИДА-та, напорите и борбата против оваа болест не треба да запрат.
Овогодинешното одбележување на Меѓународниот ден за борба против ХИВ и СИДА е „Да ја сопреме СИДАТА-да го одржиме ветувањето“.
Во одбележувањето на Светскиот ден на борба против СИДА – 1 Декември, ќе се вклучат Црвениот крст од Охрид и невладината организација Опција. На специјално поставени пунктови кај стариот Чинар активисти на овие организации ќе делат флаери со едукативен матерјал за заштита од СИДА, како и презервативи, а одбележувањето на Светскиот ден за борба против СИДА ќе биде заокружено со забава во ноќниот клуб „Арена“.
Јасминка Т. Момироска