Во Мелбурн, еден од најголемите центри на Македонската дијаспора во светот околу две години постои Македонски конзулат.За време на неодамнешното претставување на Охрид на Австралискиот континент, делегацијата од општината го посети главниот град на Викторија, каде беше срдечно примена од Македонскиот генерален конзул Саво Сибиновски, со кого за актуелните прашања разговараше Нина Кепеска.

ON:Колку Македонци живеат на подрачјето на Мелбурн и за што најчесто тие се обраќаат во Македонскиот конзулат и кои услуги ги бараат тука?

Сибиновски:На први април 2008 година е отворен генералниот конзулат на Македонија во Мелбурн и тој има јурисдикција на четири сојузни држави во Австралија: Викторија со Мелбурн, Јужна Австралија со Аделаид, Тасманија и северната територија. Неофицијално во Мелбурн и околината живеат околу сто илјади наши сонародници. Нашите активности како Македонски конзулат, пред се се насочени кон нашите иселеници кои живеат во Мелбурн и Аделаид. Покрај конзуларните услуги, преку давање документи од Република Македонија, иселениците бараат и правни совети, а најголемиот дел од нашата работа е околу регулирање на имотно-правните односи на нашите сонародници кои живеат во Австралија кои имаат имоти во Македонија. Даваме и други инфорамции како што е толкувањето на одредени законски прописи во Македонија што е од интерес и за потребите на нашите иселеници во Викторија.

ON:Какви се Вашите контакти со иселениците тука, нивните друштва и цркви?
 
Сибиновски:
Лично сум многу задоволен од соработката со Македонските здруженија во Австралија. Има повеќе од сто Македонски организации во Мелбурн.Тие секогаш приредуваат прослави и организираат настани,на кои не покануваат и ние со задоволство ги посетуваме. Конзулатот е отворен за сите, редовно комуницираме со поголемите Македонски активисти и имаме убава соработка со сите Македонски организации и асоцијации во јужна Австралија и Мелбурн.

ON:Дали има интерес за учење на Македонскиот јазик од помладите генерации Македонци кои се родени во Австралија и дали тие се вклучени во чувањето на Македонскиот идентитет?

Сибиновски:Кај секој Македонец постои интерес за Република Македонија , што важи и за помладите Македонци од третата и четвртата генерација. Има настава на Македонски јазик во Викторија,каде има и здружение на Македонски  учители со 60-тина наставници во Викторија. Со наставата по Македонски јазик се опфатени околу илјада деца. Во две училишта во Мелбурн Македонскиот јазик се изучува и во редовна настава, а поголем број него го изучуваат факултативно. Има интерес, но јас лично не сум задоволен со оваа бројка, зошто Мелбурн е вториот центар на Македонската дијаспора во светот покрај Канада и сметат дека треба да се зголемува овој тренд, за што треба и Македонија како држава да помогне да го поттикнува интересот и кај родителите и кај децата за изучување на Македонскиот јазик. Инаку  Македонските иселеници во Австралија навистина имаат голем интерес за Македонија.
 
ON:Што мислите доаѓа ли подобро време за инвестирање на капиталот од  иселениците во Австралија во Македонија, што беше и една од главите цели на посетата на делегацијата на Охрид на Австрлија? И кои се недостатоците што треба да се отстранат за да се изгради поголема доверба за да се привлечат инвеститорите,со што повеќе би доаѓале и повозрасните и помладите?

Сибиновски:Интерес за инвестирање во Македонија кај нашите иселеници има, но пред се тоа се прави индивидуално, а не на организиран начин. Конзулатот има организирано неколку форуми за можностите и погодностите за инвестирање во Македонија, што при посетата на Австралија ги презентираа и Македонскиот премиер Никола Груевски и и Виктор Мизо, директорот на Агенцијата за странски инвестиции. Ние ги даваме основните информации и контактите со надлежните органи во Македонија на сите потенцијални инвеститори. Одреден интерес има, но сметам дека уште многу треба да се работи на ова прашање. Охрид е бисер на Македнонија и секако дека би имало голем интерес за вложување во неговите туристички капацитети. Тука постои Охридско друштво, има доста иселеници по потекло од Охрид и околината и добар дел од нив верувам дека би биле заинтересирани да инвестираат на извесен начин во општина Охрид.
 
ON:Каква е ситуацијата околу политичките прашања кои ја засегаат Македонија тука во Австралија?

Сибиновски:Познат е ставот на Македонската дијаспора во Австралија, кој е јасен, недвосмислен и бескомпромисен и тој е против промена на уставното име на Република Македонија, што е чувство на секој Македонец кому при срце му е Македонија.Советот на Македонската заедница во Австралија има донесено резолуции за тоа, пред две години имаше и масовни  демонтрации пред парламентот на Викторија. од каде 25-те илјади Македонци упатија порака до Австралиската влада, дека Македонската заедница како една од поголемите во Австралија бара Австралија да ја признае Македонија под уставното име, за што на терен Македонските активисти секојдневно лобираат кај претставниците на Австралиските власти.

Генералниот конзул на Македонија во Мелбурн Саво Сибиновски кој не сакаше да го коментира бојкотот на посетата на претставниците на Охрид на Австралија од страна на Македонскиот амбасадор Перо Стојановски, истакна дека поблиска соработка меѓу локалните власти во Македонија и иселениците во Австралија е од двојна полза. Иселениците се интересираат  за татковината и државните прашања, а секој од нив посебно и за општината од каде доаѓа, некои имаат интерес за инвестирање во Македонија, а дел од нив сакаат да се вратат и да продолжат да живеат во родната земја.Поради тоа, комуникацијата и контактите со иселениците треба да се одржуваат, што важи и за иселениците во Австралија од Охрид со нивниот крај, смета Сибиновски, Македонскиот конзул во Мелбурн.

                                Нина Кепеска