Kинескиот претседател Си Џинпинг денеска и официјално го доби третиот мандат како генерален секретар на Комунистичката партија, а беа избрани уште шест членови на Постојаниот комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина за наредните пет години, вклучувајќи го и Ли Чијанг, идниот премиер.

По првиот состанок на новиот Централен комитет на КП, Си се појави пред медиумите предводејќи ги новите членови на Постојаниот комитет на Политбирото, што, како што јави Би-Би-Си, значи дека тој го доби третиот петгодишен мандат на функцијата генерален секретар на партијата.

Како што рече Си, партијата ќе стане непобедлива само ако си дозволи да се промени. Тој додаде дека Кина не може да се развива без светот и оти и на светот му треба Кина. Си го заврши својот говор со покана до странски новинари да ја посетат Кина.

Заедно со Си и Ли, за членови на Постојаниот комитет беа избрани и Жао Леџи, Ванг Хунинг, Чаи Чи, Ли Си, Динг Сусијанг.

Постојаниот комитет е најмоќното политичко тело во Кина, одговорно за донесување на најважните одлуки во земјата, која во последните години стана втора по големина економија во светот, наведува Си-Ен-Ен.

Членовите на Постојаниот комитет се избираат со гласовите на 205 членови на Централниот комитет, но тоа гласање се смета за формалност, бидејќи одлуките за седумчлениот состав се носат месеци однапред, на состаноци зад затворени врати на водечките партиски функционери.

Централниот комитет денеска избра и 24 членови на Политбирото, меѓу кои седум членови на Постојаниот комитет, јави Синхуа.

Би-Би-Си јавува дека во новото Политбиро нема жена, по 72-годишната вицепремиерка Сун Чунлан, која беше единствената жена во претходното Политбиро и сега оди во пензија.

OhridNews
Фото: МИА