Документи, во кои ексклузивно имал увид Си Ен Ен, покажуваат дека Кина направила значајни пропусти на почетокот на пандемијата на коронавирус.
Документите кои протекоа во јавноста се од кинеската провинција Хубеи и покажуваат дека на почетокот Кина пријавувала значително помал број на случаите на коронавирус од реалниот, дека и биле потребни недели за да дијагностицира нови случаи и оти не ја известиле јавноста за врвот на сезоната на грип во Хубеи во декември минатата година, што се совпаѓа со времето кога во земјата се појавија првите случаи на вирусот, јави Си Ен Ен, пренесува Миа.
Податоците од 10 февруари покажуваат 5.918 нови случаи, повеќе од двојно од бројот кој го пријави Кина. Во извештајот со ознака „интерен документ, доверлив“, локалните здравствени власти во провинцијата Хубеи, каде првпат е откриен вирусот, на 10 февруари наведоа вкупно 5.918 новооткриени случаи, што е двојно повеќе од официјалниот јавен број на потврдени случаи. Таа поголема бројка не беше објавена во тоа време, а се чини дека Кина ги презентираше податоците на начин за да ја намали сериозноста на епидемијата.
Претходно непознатата бројка е во низата откритија содржани на 117 страници протечени документи од провинцискиот центар за контрола и превенција на болести Хубеи, кои ги поседува и чија автентичност е потврдена од Си Ен Ен.
Кина жестоко ги отфрли обвинувањата на САД и другите западни влади дека намерно ги задржала информациите за вирусот, тврдејќи дека е искрена со светот уште од избувнувањето. Сепак, иако документите не даваат докази за намерен обид да се сокријат наодите, тие откриваат голем број недоследности во она за што властите биле свесни и што било откриено во јавноста.
Една од највпечатливите точки на податоците се однесува на бавноста со која се дијагностицираат локални пациенти со Ковид-19. Иако властите на Хубеи и го презентираа на јавноста својот однос кон почетното избивање на епидемијата како ефекасен и транспарентен, документите покажуваат дека локалните здравствени власти се потпирале на несоодветни механизми за тестирање и пријавување за нови случаи.
Извештај во документите од почетокот на март покажува дека просечното време помеѓу појавата на симптомите до потврдена дијагноза е 23,3 дена. Експертите за Си Ен Ен изјавија дека ова значително го отежнало следењето на болеста и борбата против неа.
Кина, од друга страна, одлучно ги бранеше своите постапки од избувнувањето на епидемијата. На прес-конференција на 7 јуни, Кинескиот државен совет објави Бела книга во која се вели дека кинеската влада секогаш објавувала информации за епидемијата на „навремен, отворен и транспарентен начин“.
Здравствените експерти велат дека документите јасно покажуваат што сè Кина знаела за епидемијата на коронавирусот во првите месеци.
Денеска, на 1 декември, се навршува една година откако првиот познат пациент покажа симптоми на болеста во главниот град на провинцијата Хубеи, Вухан, според клучното истражување на медицинското списание „Лансет“.
Откритието во документите што ги покажуваат првите податоци за коронавирусот во Кина, се случува во време кога САД и ЕУ го зголемуваат притисокот врз Кина за целосна соработка со Светската здравствена организација за откривање на изворот на пандемијата, кој се прошири на повеќе од 60 милиони луѓе, додека 1,46 милиони луѓе починаа.
Си Ен Ен ги добил документите од „свиркач“, кој побарал да остане неименуван. Тојвели дека работи во кинескиот здравствен систем и дека е мотивиран да ја открие вистината која е цензурирана и да им оддаде почит на колегите кои исто така прозбореле за епидемијата.
OhridNews
Фото: Миа