Имаше еден Охрид, чист, пречист. Каде, видиш, но трендафилите мирисаа малце подруго, каде еден народ одеше со поисправена глава, каде едни фабрики деноноќно работеа, каде едни цркви и џамии беа мистични и сокриени во шуми и тишина, чувани и очувани од некој што знаеше како се штитат споменици на културата Имаше едни брда што се пошумуваа и едни борови носени дури од Ерусалим, имаше бајами наместо бетони, имаше една библиотека со поглед кон езерото, еден народ што чита книги, едно езеро мирно и спокојно, зошто беше деноноќно будно чувано од една институција на крајот од каналот. Имаше една дузина врвни научници на тој крај од каналот. Верувам дека денес е останат само понекој осамен Дон Кихот.
Имаше еден фестивал што секоја вечер ја собираше вистинската светска музичка елита, кога вечерите госпоѓите специјално дојдени за таа прилика, со наметнати шалови итаа кон Св Софија, зошто тоа беше едноставно врвот од тој тип на настан, во 20 милионската држава. Имаше и една друга поетска елита што ноќите рецитираше под едни борови што ги испокасапија. Веројатно во исто време кога еден друг споменик го минираа со динамит.
Имаше и еден, единствен балкански фестивал на народни песни и игри. Секогаш на една сцена. Секогаш со временски најпрецизно темпирано дефиле низ чаршијата. Сега има бучкуруш од пет, понекогаш во исто време. На разни несоодветни места.
Имаше и градска аптека со своја лаборатарија за лекови, со ентереиерно решение – поклон од загребачки архитекти, што многу години подоцна, малку фалело за и тука да не употребат динамит, зошто било толку саглам направено, та не можеле никако да ја срушат, во моментот на одлуката, кога аптеката ја претвараа во коцкарница, која ете сега ни свети. Со црвен неон.
Имаше и една автобуска станица, карши аптеката, плански осмислено за комодитетот на гостите, во центарот на градот. Во Дубровник е се’ уште во центарот на градот.
Имаше и еден градски полигон каде кошаркари и ракоматерари на цела држава се натпреваруваа и естрадни вистински звезди настапуваа, а сега се натреваруваат млади луѓе, кој повеќе ќе испие, кој повеќе ќе плука и опцуе или кој погласно ќе настапи, со што погаден турбо фолк. Добро, сега барем опкружувањето им е соодветно. Преполно им е со ѓубре. Од самите себе.
Имаше и еден камен во една чаршија, светнат и чист каде утрата домаќинките итаа со плетените кошници кон пазар, каде ги пречекуваа раскоши на бои и носии со топли очи. Останаа само понекои уморни топли очи, понекои јабучари миризливи и ‘черешни’, заробени во ново поставениот бетон, гранит и стакло.
Каменот и да бил од 1953 , остана до денес да опстојува во неколку далматински градови. Меѓу кои и Дубровник. Тамошните власти само набавиле машини за негово одржување и чистење. Нашиот со сила откорнат и фрлен на буниште, некои велат и уништен, други продаден во Љубљана. Велат и дека во Холандија постои производство на таков камен. Ех, да имавме таков јунак што ќе сака рестарт. Нека ми се јави. Сочував и едно парче. Ќе го вратам веднаш за да се постави како нулта точка.
Имаше по таа чаршија и 4-5 книжари, неколку трафики со десетици весници и врвна штампа, едно дописништво на МРТВ, едно Радио Охрид, едни фенери, едни дуќани со занаети. Ги добивме за возвраст најгрдите алуминумски профили со разна комерцијална стока, едни престрашно светлечки реклами, напишани во градот на писменоста, исклучиво латинично, разни тезги и тезгичиња. Пред некоја година во Дубровник, ми раскажуваа мештаните од Страдун, некој ‘курназ’ се дрзнал да си го осветли излогот со лед светло. Светлото светело дури 2 часа.
Имаше и едни цистерни што секоја ноќ ги чистеа улиците и едни прскалици што веднаш потоа, се пуштаа по парковите во раните утра Секое утро!
Имаше и еден парк со лалиња на еден огромен потег. Донација од Кралството Холандија што беспреппекорно се одржуваше од градот. Една година добивме и драгоцено црно лале.
Имаше и еден хотел ‘Палас’, со летна бавча и музика не подоцна од 11 часот, чинам.
Имаше и летна кино бавча, каде сега има повеќе смет, чинам и од полигонот.
Имаше и едни дворови што мирисаа на тазе варено слатко со миск, а љубопитните очи на странците, доколку ѕирнеа низ ширум отворените порти, се канеа внатре, да пробаат, во стаклени гостински ‘пајнчиња’ на гостинска табака со штиркано миленце и чаша студена вода.
Имаше и едни комшии што ќе ви ги прибереа гостите ако дома немавте доволно место за спиење. Во секогаш скоцканите гостински соби, со уште поскоцканите чаршави.
Имаше едни топли детски срамежливи очи што едвај чекаа да бидат пратени од комшиите, по леб или весници.
Имаше и едни господа што утрата со цел сноп од весници го пиеја утринското кафе под боровите, што исто така ги искасапија. Сеедно. Секако веќе нема трафики. А ни весници.
Имаше и еден авион што секој ден во топлите лета, ги носеше охридските гости до Дубровник и нивните кај нас.
Имаше и задолжителен ‘добар ден’ по сокаците со непознатите гости и лаф муабет со познатите.
Имаше археолози, византолози, историчари на уметност, фотографи, патеписци и архитекти што со апаратите околу врат, талкаа низ уличките.
Имаше и едни плажи без лежалки, без музика, во јаболкници што исто така ги искасапија.
Имаше и една плажа со најубав сладолед во метални чинивчиња, чии фотографии од 70- мите рефлектираат на таков свет и убавина, чиниш си на далматинскиот брег, и тоа во најмала рака. Сега го рефлектираат елитниот турбо фолк од регионот.
Имаше и една дискотека во Градиште, што беше рангирана заедно со дискотеката ‘Зрче ‘ на островот Паг, за една од најдобрите во 20 милионската држава. ‘Зрче’, читам, е сеуште најдобра. За Градиште пресудете сами.
Имаше, имаше…. уште многу…..но статусов стигна до маргините на елегична патетика….еве, слободно, дополнете….
А деновиве.. деновиве еве имаме ѓубре. Испаднавме, за жал, поголемо ѓубре и од амбалажите што на сите страни ги истураме. Но барем да знаевме што да правиме со него. Шведската свест што стигна до половина ќесенце, неделно, за 4 члено семејство, на пример почна и да го увезува. За производство на енергија.
Ок. Не е се така црно. Ни остана ЃЕВРЕКОТ. Можеби тој ќе не спаси. Поточно дупката во ѓеврекот.
Но, како беше она на Милчо Манчевски: ‘The circle is not round’!
Енис Хилми
Авторски текст објавен со дозвола на авторот. Во текстот се користени фотографии од Фејсбук групата „Охрид слики од минатото“ со дозвола на администраторот