Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија, свечено се заколна новоизбраната претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во Собранието пред присутните пратеници, дипломатскиот кор и претставници на политичкиот и општествениот живот.
Во своето обраќање таа истакна ќе биде претседателка на сите граѓани, нема да прави разлика меѓу нив ниту по етничка, ни по верска, ниту по полова ни по било која друга разлика.
Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само убав подарок за мојот роденден, туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам се за да ја оправдам, истакна Сиљановска-Давкова.
Нагласи дека ќе го почитува Парламентот и ќе ги заборави лошите моменти, ќе ги помни само добрите и ќе биде, рече, претседателка „и на левата и на десната страна“.
И, еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот ама овде и од десно, среде, и од лево, јас гледам многу умни, многу посветени, жени кои ќе ги носам не само во умот, туку и во срцето. Политиката најчесто беше не уметност на можното, туку беше кој, кога, и како добива. Нас не немаше на врвните функции. Ние можеме да ја развиваме политиката како уметност на неможното, не само на можното. Многу убаво звучи кога ќе чуете дека зад успешните политичари или мажи, стојат прекрасни жени. Еве, јас ја користам приликата да кажам дека зад успешни жени, стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг, истакна Сиљановска-Давкова.
Не само да ја феминизираат политиката, туку жените, порача таа, мора и да им помогнат на мажите „да сфатат дека не смееме да се откажуваме – тоа е еманципација“. Очекува и поголема застапеност на жени во следниот пратенички состав.
Треба да го следиме ритамот на природата. Таа е совршен креатор, хармонизира. Не го знам точно соодносот на жените и мажите во следниот пратенички состав, но многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 проценти… Државата е во женски род, политика е во женски род, демократија е во женски род. Македонија е во женски род. Помогнете им пратеници, витези на жените, да го изразат тоа што го имаат, а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека тоа ќе го направам, и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија, како што јас сум на мојот народ, како збир на индивидуи и граѓани, и мислам дека така ќе помогнеме и да се европеизираме, и да ги надминеме балканските поделби и делби. Никогаш не ни било потребно поголемо единство, рече Сиљановска-Давкова.
Нагласи дека довербата што и е дадена ќе ја оправда „не заради одговорност или долг кон партија или кон политика“, туку затоа што добила шанса да биде опкружена со многу жени. А првиот и основен критериум „за дружење“ со неа, рече, ќе биде стручност и компетентност, па потоа било која друга припадност.
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече пред 2019 година само еднаш го видела на телевизија, а дека бил единствен човек кој тврдел и ја уверувал дека може да стане претседател и дека „тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите“.
Можеби некој ќе замери дека го споменав господинот Мицкоски. Но, еве го пред мене господинот Ковачевски. Сакам и него да го споменам. И тој се одважи да ми се јави, не само на Фејсбук да ми посака добредојде и успешна работа, туку да поразговараме. Затоа мислам дека со нас жените ќе се менувате и вие мажите политичари и Македонија ќе стане едно пристојно место за соживот на сите… бидејќи покрај жените мојата болка и радост се младите. Не случајно се родиле овде. Ајде да исчекориме, ајде да се обидеме да смениме нешто во политиката, истакна новата претседателка на крајот од своето обраќање по свечената заклетва во Собранието.
OhridNews