Претседателката Гордана Сиљановска Давкова годинава 2 Август – Денот на Републиката ќе го одбележи во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, каде ќе одржи говор, а потоа, како што веќе најави заедно со нејзиниот српски колега Александар Вучиќ ќе го посетат манастирот Прохор Пчински.

Сиљановска Давкова на почетокот на неделава оствари телефонски разговор со Вучиќ и, како што информираа од нејзиниот Кабинет, договорено е двајцата претседатели на Илинден зеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Премиерот Христијан Мицкоски ќе го одбележи Илинден во Крушево, каде ќе одржи говор, додека претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе биде во Скопје, односно ќе присустува на пригодната манифестација на тврдината Кале, каде ќе одржи говор.

Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

OhridNews