Да ги отвориме нашите срца за вербата, да ги насочиме мислите кон чистотата и мирот и да чекориме по патеката на духовното просветление!, порача претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, која присуствуваше на чинот на положување на светиот крст во водите на Охридско Езеро.

Стотици верници, поттикнати од длабоката вера во божествениот благослов на осветените води, од вековната традиција која го симболизира крштевањето на Исус Христос и од желбата за духовна обнова, учествуваа во овој свет чин.  Најсреќниот, Мартин Гоџо, кој го фати крстот, го дарував со рачно изработена резба посакувајќи му добро здравје, лична среќа и духовна исполнетост, посочи Сиљановска – Давкова.

Овој празник има длабоко духовно значење и особена симболика во нашата вера, а Исусовото крштевање во реката Јордан не претставува само осветување на водата, туку чистење, духовна обнова и нов почеток, истакна Сиљановска – Давкова.

Денес кога го славиме Божјото откровение на Земјата, ние сме повикани да го покажеме најдоброто и најсветлото на овој свет. Оваа година нека биде година на обнова, љубов и заедништво, со Божји благослов, а овој празник нека биде поттик за сите нас со верба да продолжиме по патот на љубовта и правдата, да бидеме светлина за другите и да градиме поубав свет исполнет со милост и со сплотеност. Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Богојавление ‒ Водици. Бог се јави!, порача Сиљановска – Давкова.

Н.С.Ј.