Со покачување на дневните температури во текот на летото се зголемува и можноста за појава на инфекцијата со „Зика“. На ова предупредуваат шведски научници, кои пред неколку дена излегоа со карта на земји во Европа кои се со најголема потенцијална опасност од појава на оваа инфекција. Меѓу земјите посебно се наведуваат Шпанија, Италија, Грција и Турција, пренесува „Утрински Весник“.
И покрај ваквиот аларм, македонските здравствени власти смируваат дека ризикот од пренесување на овој опасен вирус е мал. Според македонското Министерство за здравство, и покрај тоа што на европско тло ги има комарците кои ја пренесуваат инфекцијата, сепак причинителот досега не е присутен во регионот. Од Министерството за здравство потенцираат дека сите лица кои досега се пријавени како заболени од овој регион се евидентирани како „увезени“ случаи.
-Присутноста на популацијата на аедес комарецот, топлата клима, како и истовремено врвот на доаѓањето на туристите по авионски пат во Европа, претставуваат три главни причини кои јужниот дел на Европа го чинат погодно подрачје за вирусот „Зика“, истакнува Јоаким Роклов, од Универзитетот Умеа, во Шведска.
Здравствените служби велат дека Македонија веќе презема мерки со цел да се превенира можноста за влез на оваа вирусна инфекција.
-Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги задолжи сите општини да вршат дезинсекција против комарци согласно со акцискиот план. Досега се реализирани акции за авионско прскање против комарци во регионот на Скопје, Куманово, Струмица, Велес, Охрид, регионот на Гевгелиско, Кочанско и други региони во државата. Воедно, до сите матични лекари и центрите за јавно здравје, дистрибуирани се промотивни материјали со основни податоци за вирусот и превентивни мерки за заштита, со цел да се едуцираат пациентите како навреме да се реагира при евентуална појава на инфекција, објаснуваат од превентивниот сектор од Министерството за здравство.
Институтот за јавно здравје ги набави потребните реагенси за лабораториско дијагностицирање на болеста, во случај да се појави лице сомнително на вирусната инфекција „Зика“, информираат од Министерството за здравство.
Со оглед дека затоплувањето на времето е погодно за појава на зголемен број комарци и со тоа поголем ризик за пренесување на болестите преку овие инсекти, Министерството за здравство укажува на општите и личните мерки за заштита, како основа за превентива од овие болести. Се препорачува поставување мрежи на прозорците за заштита од комарци, отстранување на застоените води во дворовите, нанесување заштитни кремови на откриените делови од телото.
-За лицата кои патуваат во ризичните земји за вирусот „Зика“, се препорачува да ги применуваат личните превентивни мерки, а доколку по враќањето во Македонија (во период од околу 2 недели) почувствуваат симптоми, веднаш да се јават на лекар. Согласно со препораките од Светската здравствена организација се препорачува бремените жени да избегнуваат да патуваат во ризичните земји, доколку тоа не е неопходно, додаваат од Министерството за здравство.
OhridNews
Извор:„Утрински Весник“