Шведскиот кралски двор соопшти дека новородениот син на престолонаследничката Викторија доби име Оскар Карл Олоф. Малиот принц, кој се роди вчера во болницата Каролинска во Стокхолм, е трет во редот за шведскиот престол, после својата мајка, принцезата Викторија и четиригодишната сестра, принцезата Естел, пренесуваат светските агенции.
Таткото на детето, принцот Даниел, присуствуваше на породувањето и изјави дека ниту тој ниту сопругата не го знаеле полот на бебето. Шведска во 1980 година го промени уставот, како најстариот наследник, без оглед на полот, би можел да дојде на престолот. Пред тоа предност во наследувањето на престолот имаа машките членови на кралското семејство. Шведскиот крал Карл XVI Густаф и кралицата Силвија, родители на три деца, сега имаат четири внуци, а петтото е на пат и би требало да се роди во април.