Шведската амбасада во Белград ги негираше објавените информации дека шведската власт превземала иницијатива за повторно воведување на визи за Западниот Балкан, јави Дојче Веле на македонски јазик, пренесува „Макфакс“.

„Шведска силно го поддржува воведувањето на механизмот за суспензија на безвизниот режим во постоечкиот сет прописи. Обратно од извештаите во некои медиуми, ништо во ставот на Шведска не се има променето по тоа прашање“, соопшти амбасадата на оваа земја во Србија.

Во соопштението се додава дека членките на ЕУ се’ уште го разгледуваат текстот за тој механизам и оти текстот е неутрален и дека не се однесува посебно на барателите на азил од земјите од Западен Балкан.

Поддршката на Шведска за воведување механизам за суспензија на безвизниот режим, како што се истакнува во соопштението, не подразбира дека Шведска автоматски ќе се реши да го примени и веднаш.

„Шведската влада е многу свесна колку е важен безвизниот режим за граѓаните и за земјите од Западен Балкан, но начинот на кој таа слобода се искористува е неприфатлив“, се наведува во соопштението.

Амбасадата потсетува дека Шведска е една од членките на ЕУ која најмногу е погодена со проблемот на азиланти. Од воведувањето на безвизниот режим за балканските земји 2009 година, во Шведска се поднесени околу 20.000 барања за азил од тој регион.

„Се надеваме оти моменталната ситуација на Западен Балкан ќе се реши што побрзо со примена на краткорочни и долгорочни мерки, кои би вклучувале и натамошни напори за подобрување на социјалната положба на малцинствата и загрозените групи“, соопшти шведската амбасада во Белград.

Според објавените информации во шведските медиуми, а пренесено од медиумите во регионот,  шведскиот министер за миграција и политика на азил Тобијас Билстром пратил писмо до владите на останатите 26 држави- членки на ЕУ во кое бара на граѓаните на Србија, Албанија, БиХ, Косово, Македонија и Црна Гора повторно да им се воведат визи за патување во ЕУ.

Планот на Шведска е да ја заостри политиката за азилантите, за да можат помош да добијат оние на кои таа им е навистина потребна. Билстром рече дека барањата на луѓето од Србија и околните земји се неосновани, а при тоа и го заземаат и станбениот простор наменет за азиланти.

OhridNews
извор:„Макфакс“