Шведскиот министер за миграција и политика на азил, Тобиас Билстром, преку писмо до останатите 26 земји-членки на ЕУ побара повторно воведување на визи за земјите од западен Балкан, пренесува „Макфакс“.

Поради напливот на азиланти од Србија, Албанија, БиХ, Косово, Македонија и Црна Гора, Билстром предлага за граѓаните од овие земји да им биде потребна виза кога патуваат во земјите на Европската Унија.

„Тие велат дека невработеноста и сиромаштијата е причината да дојдат тука. Тоа никогаш не е основа за азил за никого“, изјави Билстром, јави Sydsvenskan.

Предлогот на Билстром е дел од мерките на шведската влада за поголема контрола на миграцијата.

Очекувањата на шведските власти се дека годинава околу 54.000 лица ќе побараат азил во Шведска, од кои 15.000 до 20.000 се очекува да бидат од Сирија.

OhridNews
извор:„Макфакс“