Триесетата вечер од годинешната програма на Фестивалот „Охридско лето“ е резервирана за камерното трио од Швајцарија, со уметниците Алексеј Ботвинов на пијано, Себастиан Борен на виолина и Патрик Деменга на виолончело.

Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист во светот кој на сцена ги има изведено „Голдберг варијации“ на Бах повеќе од триста пати.

Ботвинов настапувал во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.

Себастиан Борен е виолинист кој внимателно му приоѓа на репертоарот избирајќи најчесто интерпретации на дела од класичната и романтична ера, дела од ХХ век и нови, современи композиции. Во 2022 година Швајцарската фондација на школите за виолина му ја додели наградата „Златно гудало“, а германскиот печат го опишува како „ еден од најсериозните, директни музичари на неговата генерација“. Настапува во неговата родна Швајцарија со симфониските оркестри во Базел и Луцерн, со оркестарот „Свицера-Италијана“, Музик колегиум Винтертур, Филхармонијата Арговија, Камерните оркестри од Цирих и Базел, Фестивалскиот гудачки оркестар од Луцерн, а интернационално настапува со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, Државната капела на Санкт Петерсбург, Камерниот оркестар „Анима музика“, Симфонискиот оркестар на Солун, Камерните оркестри од Минхен, Келн и Штутгарт, оркестрите од Хајлброн и Гетинген, Романскиот камерен оркестар, оркестарот во Падова и др.

Роден во 1962 година, Патрик Деменга  студира на конзерваториумите во Берн и во Келн со Борис Пергаменшчиков, и со Харви Шапиро во Њујорк.  Деменга редовно настапува на најпознатите фестивали и во музичките центри ширум Европа, Јужна Африка, САД, Јужна Америка, Австралија и Азија. Често соработува со уметници како: Хајнц Холигер, Марио Вензаго, Денис Расел-Дејвис, Леиф Сегерстам, Хесус Лопес-Кобос, Хауард Грифит, Кристоф Попен, Леонидас Кавакос, Александар Локвих, Изабел Фауст, Наталија Гутман и др, како и со Циришкиот „Тонхале“ оркестар, Симфонискиот оркестар во Базел,  Радио-симфонискиот оркестар во Виена, Камерата Берн, Минхенскиот камерен оркестар, оркестарот „Суис-Роман“, камерниот оркестар од Лозана, „Кремерата Балтика“, ансамблот „Модерн“ и др.

Неговите бројни аудио изданија го презентираат на светската публика, а тој премиерно изведува дела од Исанг Јун, Герхард Шедл, Хајнц Холигер и др. Патрик Деменга предава на Конзерваториумот во Лозана, а редовно одржува семинари низ Европа и светот.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот, а на програмата се дела на Моцарт, Брамс, Шостакович.

OhridNews