Македонската ракометна репрезентација официјално стартуваше со подготовките за настап на Светското првенство, кое во Шпанија ќе се одржува од 11 до 27 јануари.


На првиот собир, селекторот на репрезентацијата Звонко Шундовски, од повиканите 20 може да смета на 16 играчи. капитенот Кирил Лазаров, голманот Златко Даскаловски и десното крило Владимир Темелков на репрезентацијата ќе и се приклучат викендов во Пореч, додека голманот Борко Ристовски ќе им се приклучи на соиграчите на 30. декември.

Селекторот рече дека стои зад списокот од 20 ракометари, откако многу ’прашина’ крена изоставувањето на Петар Ангелов и Стевче Алушевски.

„Подмладувањето во репрезентацијата е неминовно. Огромен е придонесот на Ангелов и на Алушевски за македонскиот ракомет, но сега е време да се направи спој на искусни и млади играчи, што ќе имаат континуитет и успех во работата“, потенцираше Шундовски.

Главна цел, на Светското првенство ќе биде да се мине првата фаза. македонија, во Севиља, во Б групата за противници ќе ги има селекциите на Данска, Исланд, Русија, Чиле и Катар.

„Имаме добра група, добро е што ќе стартуваме со две средби против реално послаби противници – истакна Шундовски.

Ракометарите до заминувањето за Шпанија ќе одиграат три подготвителни натпревари, на 28. декември во Пореч против Саудиска Арабија, а по Нова година на 4 и 5.јануари во Ниш, Македонија ќе игра против Србија односно Египет.

„Планот за подготовки е сличен како оној пред настапот на ЕП во Србија. Ќе одиграме три средби, што ќе бидат доволни. Проблем е што доцна ќе се комплетираме, но тоа е вообичаено. Комплетни ќе бидеме на двете средби кои ќе ги играме во Србија, тогаш ќе се искристализира составот кој ќе настапува во Шпанија“,
рече Шундовски

“Макфакс“