Шумите во Македонија немилосрдно се пустошат со години. Надлежните или се немоќни или соучесници во криминалот со незаконска сеча, а дрвокрадците одамна не и се плашат на полицијата.
СВР Охрид информира дека е поднесена кривична пријава против 44-годишен охриѓанец поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“.
Во текот на 2021 година во својство на службено лице како референт по сеча и дотур во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Скопје, ШС Галичица – Охрид, пријавениот ги повредил законските прописи со пропуштање на должен надзор и несовесно постапувајќи во вршењето на своите овластувања. Тој го фалсификувал извештајот за прием на дрвна маса и го искористил како да е вистинска исправа, соопшти портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Синоќа во 23.00 часот, при контрола, полициските службеници од полициското одделение во кичевското село Осломеј, на локален пат во селото пронашле патничко возило „нисан“ без регистарски таблички, натоварено со огревно дабово дрво.
Возилото со дрвната маса се одземени и предадени на Шумска полиција од Кичево за натамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Полицијата однесе кривична пријава и против 33-годишен жител на Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“.
На 27.11.2024 на локален пат во кичевското село Осој, тој бил затекнат од патрола на Шумска полиција при нелегален транспорт на огревно дрво со возило „лада нива“. Притоа, тој не застанал на даден знак од овластените службеници на шумската полиција и со возилото удрил еден шумски полицаец, по што избегал. По преземени мерки, напаѓачот бил пронајден и лишен од слобода, соопшти портпаролот Димоски.
OhridNews
Фото: Архива