Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска на настанот со кој стартуваше Програмата за управување, користење и заштита на подземните води, одговарајќи на новинарско прашање околу загубата на 65 проценти вода за пиење од системите до домаќинствата, рече дека тој проблем не смее да се прифати како факт и осврнувајќи се на заемот од 50 милиони евра за помош на општините за водоводната инфраструктура, рече дека континуирано работат на решавање на проблемот.
Со години наназад знаеме дека загубите на вода се големи, за жал голем дел од општините имаат стари системи за водоснабдување. Во таа насока е и вториот заем којшто државата го зема од Европската инвестициона банка во висина од 50 милиони евра, којшто треба да им помогне на општините во делот на водоснабдување, значи промена на системите или за градба на нови системи за водоснабдување, нивно усовршување и евентуално, од зависност од потребите на општините, и за системите за собирање на отпадни води, рече Шукова.
Министерката посочи дека покрај заемот на МЖСПП, Министерството за транспорт и врски и Министерството за локална самоуправа континуирано со години имаат програми коишто ги поддржуваат тие системи, односно ги финансираа.
Меѓутоа, станува збор за голем број на општини, треба време. Загубите на води се нешто што не смееме да го прифатиме како факт, туку треба да работиме да ги намалиме загубите на води, така што континуирано работиме на ова прашање, потенцираше Шукова.
OhridNews