Потребна е поголема јавна свест отколку казнување, но се размислува и за воведување на комунална полиција која ќе го казнува редовното фрлање на отпадоци од страна на граѓаните. Ова е одговорот на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на новинарско прашање за подолгорочно решение со справување на несовесноста на граѓаните кои постојано фрлаат отпад.

Контрола има постојано. Јас мислам дека ни е проблемот казнувањето. Кога одиме во земјите на ЕУ, кога ќе помине нашата граница за жал, поинаку се однесуваме. Мислам дека, како што се однесуваме во тие земји треба да се однесуваме и дома. Не е прашањето дали треба да се казнуваме. Треба да ја подигнеме малку јавната свест, дека фрлајќи го отпадот ние си правиме штета самите на себе, бидејќи ние тука живееме, ние тука опстојуваме, тука ќе живеат и нашите деца. Планираме една активност, како една нова мерка, да речеме, зборуваме подолго време да се воведе комунална полиција во државата. Таа ќе може на лице место да изрекува казна исто како што сообраќаен полицаец да изрече казна за сообраќаен прекршок на лице место, истакна министерката од тетовското село Туденце по теренска посета каде почнуваат работите за санација и регулација на коритото на горниот тек на река Вардар.

Таа потенцираше дека не е проблемот дали државата и локалните власти ќе интервенираат и ќе чистат, туку чистото така да остане. Особено тоа важи за местата како националните паркови, за каде е воспоставена пракса да се чистат депониите, но повторно се формираат.

Јас апелирам постојано да почнеме, особено кај речните текови да не се фрла отпад, да не се фрла особено градежен шут бидејќи еве и кај каналите потоа имаме проблем со одводнувањето, потоа имаме проблем со поплавите, бидејќи водите нема каде да се движат. Да бидеме малку поодговорни. Кога се чистеа депониите, дивите депонии коишто за жал ги создале граѓаните, видовме дека мечката веќе не полека се поретко се симнува во населените места близу националниот парк. Тоа е знак дека особено во националните паркови да не создаваме отпад, истакна министерката.

Шукова рече дека долги години работи во Министерството и знае колку пари годините наназад државата како помош ги финансира локалните самоуправи за чистење на многу локации каде што имало диви депонии.

Праксата покажува дека за неколку месеци исите локации повторно се полнат со отпад. Тоа е народно кажано фрлање на пари. Ако не се научиме дека таму каде што ќе исчистиме дека не треба повторно да фрламе отпад, ефектот на чистењето на дивите депонии е минимален, рече Шукова.

Во Туденце почна расчистување на речното корито на Вардар како една од мерките за спречување на поплави.

OhridNews