Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, денеска со евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, по повод 21 Мај – Денот на ЕУ Директивата за живеалишта и Светскиот ден на биолошката разновидност – 22 Мај го посетија Белчишкото блато во Општина Дебрца, локалитет што е во фаза на прогласување за строго заштитена зона како Парк на природата.

Белчишкото блато со слатководните извори и евловата шума претставува живеалиште за бројни ендемични и други видови. Владата го прогласи Белчишкото блато за заштитено подрачје во категорија Парк на природата. Согласно Законот за заштита на природата по однос Нацрт-законот за прогласување на блатото за заштитено подрачје, ќе се одржи јавна расправа, а Законот ќе биде предложен до Собранието за конечно усвојување.

Една од најзначајните ЕУ политики и инструменти во областа на заштита на природата се ЕУ директивата за живеалишта и птици, како основа за воспоставување на европската еколошка мрежа „Натура 2000“. Таа е една од наголемите мрежи на заштитени подрачја во Европа и претставува клучна алатка за заштита и зачувување на природните живеалишта, растителните и животински видови.

Во рамки на тековниот проект поддржан од ЕУ планирани се активности и идентификација на нови подрачја во земјата. Денеска кога го одбележуваме овој еколошки ден, сакам да објавам дека Белчишкото блато е идентификувано како идно потенцијално „Натура 2000“ подрачје. Министерството со национални ескапади преку тековниот ИПА проект ќе спроведе научни истражувања, со цел пополнување стандардни формулари за идните идентификувани „Натура 2000“ подрачја во земјата. Преку компонента за комуникација со засегнати страни ќе изработиме промотивен материјал и кампања за да бидеме подобро информирани и запознаени со тоа каква природна вредност поседуваме и како треба да се однесуваме кон неа, рече таа.

Шукова нагласи дека Министерството посветува големо внимание на имплементацијата на меѓународните договори, меѓу кои и Конвенцијата за биолошка разновидност, а преку глобалната мрежа за биодиверзитет се пристапува кон нови модели за градење одржливо финансирање за заштита на природата.

Секоја година ги зголемуваме финансиите за заштита на природата, оттаму што заштитата на биодиверзитетот е еден од клучните столбови на Европскиот зелен договор и на Зелената агенда за Западен Балкан, а Република Северна Македонија го следи примерот на ЕУ и соработува со соседните земји за забрзување на Агендата за закрепнување до 2030 година, со придобивки за луѓето, климата,планетата…рече меѓу другото министерката.

Евроамбасадорот Гир од своја страна потсети дека „Натура 2000“ претставува најголемата координирана мрежа на заштитени подрачја и области во светот, а на овој ден се фокусот се става на животната средина, која е клучна за севкупната благосостојба.

Прогласување едно подрачје за заштитено е важен прв чекор, но истиот треба да биде проследен со посветеност во неговото управување, што ќе овозможи ефикасен и одржлив развој и соодветни финансиски ресурси. На само неколку километри оттука е Охридскиот регион, каде можат да се забележат проблемите настанати од несоодветно управување. Таму е потребна неодложна акција и координирање во дејствувањето за негова заштита. Северна Македонија ги отвори преговорите за присоединување кон ЕУ, а исполнувањето на поглавјата што се однесуваат на животната средина се сложен и скапи. Затоа сме ние тука, да помогнеме, даваме помош и ќе продолжиме да помагаме за достигнување на стандардите, рече Гир, кој ја искористи можноста да го поздрави напредокот во активностите што ги спроведуваат ресорното Министерство и локалните власти во насока на заштитата на животната средина.

Како есенцијални во остварувањето на еколошката агенда тој ги посочи Министерството за животна средина и националната власт, локалните власти, граѓанскиот сектор и медиумите, за кои рече дека заеднички можат да направат исчекор и да донесат напредок во насока на зачувување на неповторливите природни убавини и реткости за наредните генерации.

Белчишкото блато е едно од најдобро сочуваните блата во земјата, со недопрена средина, дом на бројни видови риби, водоземци, влечуги, цицачи, инсекти, растенија…

Еколошкиот активист, Ѓоко Зороски, рече дека спроведените систематски истражувања на Белчишкото блато покажале дека тоа е најголемото и најзачувано такво подрачје во земјата, со површина од 400 хектари. Во него се наоѓа најголемата евлова шума во Македонија која зафаќа површина од 31 хектар и како таква е ставена на приоритетната листа на „Натура 2000“. Последните хидрогеолошки истражувања покажуваат дека блатото има извори со издашност од најмалку 2,5 метри кубни вода во секунда, што е доволно теоретски да се снабдува со вода град од некаде 400 илјади жители.

По изворите кај Свети Наум, Белчишкото блато е второ по издашност извориште во Охридскиот регион. Имајќи ги предвид климатските промени и недостигот од вода, блатото е стратешки ресурс за државата и во хидролошки аспект, покрај биолошката разноврсност што ја поседува, рече Зороски.

OhridNews

фото. OhridNews