Штрајкот на вработените во образованието, науката и културата во Охрид продолжува и денеска. Во образованието штрајкот тече без никаков  проблем, изјави за Оhridnews, Љубомир Јанкуловски-претседател на регионалниот одбор на СОНК-Охрид. „Во Охрид штрајкот денеска продолжи во сите десет основни и трите средни училишта“, изјави Јанкуловски. Тој информираше дека не се забележани никакви притисоци, освен тоа дека има мало недоразбирање околу часовите кои наставниците треба да ги поминат во училиштата за време на штрајк.

Вработените во образованието, како и нивните колеги од науката и културата, бараат поголеми плати и потпишување на колективните договори. Тие бараат надоместокот за храна да се исплаќа во износ од 20 проценти од просечната плата на ниво на држава, а надоместокот за превоз да биде во висина на реалните трошоци на работникот што ги плаќа за одење до работното место и враќање дома. СОНК бара и  трансформација на договорите за работа на вработените во образованието, науката и културата  на определено време, во договори на неопределено време. Владата апелираше до СОНК да ја земе во предвид светската финансиска криза, како и напорите што таа ги чини  за покачување на платите на вработените во споменатите дејности во исклучително неповолниот период за економијата.


Не отспауваме од нашите барања-Јанкуловски

„Не е точно дека платите во образованието се покачени за 44%, туку дека тие лани и оваа година се зголемени за 20%. Овие барања кои сега ги изнесовме се предмет на преговори повеќе од 2 години, а потпишани се и два меморандуми со ресорните министерства со кои тие се обврзуваат дека ќе ги потпишат колективните договори и истите ќе ги применуваат од 2009 година“, рече Јанкуловски. Тој најави дека штрајкот на вработените во образованието, науката и културата ќе продолжи до исполнување на барањата на синдикатот.

Г.Момироски