Над 25 професори во охридската гимназија Св. Климент Охридски од денес се приклучија кон генералниот штрајк во образованието организиран од страна на СОНК .
Според директорот на оваа образовна институција, Звонко Трпески, зад штрајкот стои општинската СДСМ.
– Иако на почетокот штрајкот требаше да биде за остварување на определени синдикални права, сепак од изјавата на членот на Штрајкувачкиот Одбор, дадена за локален медиум, јасно се гледа дека зад штрајкот стои СДСМ- Охрид , што членот на штрајкувачкиот одбор јасно го истакнува. Навистина е некоректно на воспитно- образовниот процес да се ставаат политички етикети, дотолку повеќе што и самите колеги, истите кои ги убедуваа дека се Синдикат за нивните права, политички ги поделија. Апелирам до колегите кои сега веќе и јавно потврдија која е позадината на овие протести , да се вратат на настава во интерес на нормалното одржување на воспитно образовниот процес, вели Трпески кој додава дека како директор на ОСУ “Св. Климент Охридски“ ќе ги преземе сите законски мерки кои му стојат на располагање се со цел учениците да не претрпат штета.
Заменик претседателот на синдикалната организација при училиштето, Ристо Николески, информира дека штрајкот ќе продолжи до исполнувањето на барањата на СОНК. Обвинувањата дека штрајкот има политичка заднина ги отфрла како неосновани.
– Од вкупно 55 професори во училиштето штрајкуваат над 25, а меѓу оние кои не се приклучија на штрајкот се и 20 професори со договор на дело вработени од страна на актуелната власт. Категорично тврдам дека зад штрајкот на професорите од охридската гимназија не стои политичка партија, ниту пак штрајкот има политичка заднина, ниту пак јас како заменик претседател на синдикатот сум член на некоја од политичките партии, изјави Николески.
На последниот одржан состанок на СОНК донесена е одлука во среда, 4- ти февруари, во општините во кои е искажана поддршка на штрајкот да се организира јавен протест пред општинската зграда. Доколку барањата на СОНК не се исполнат, предвиден е и централен протест во Скопје пред ресорното министерство и владата на кој се очекува поддршка од сите полнолетни граѓани кои се согласуваат со барањата на СОНК.
Т.К.