Околу 150 вработени во холдинг компанијата „Отекс“ – Охрид денеска протестираа пред управната зграда. Тие бараат исплата на заостанатите плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување и разрешување на состојбите во компанијата.


Поради долг од преку 1 милион евра, ЕВН ја исклучи струјата во „Отекс“ на 9 март, производството е запрено, а работниците се на принуден одмор. Дел од нив плата немаат примено и 15 месеци, а придонесите не се платени од ноември 2001 година. Тие бараат надлежните инспекции и УЈП да интервенираат, а помош бараат и од охридските пратеници, локалната самоуправа и од владата.

„Бараме да се разреши состојбата, ако треба да одиме и во стечај. Нека се изјаснат конечно локалните моќници и институциите на државата затоа што овие луѓе тука се дојдени за леб, за плата“ – вели Митко Ристески, работник од Отекс.


„Не отстапуваме од своите барања“ – рекоа „отексовци“

Долговите на „Отекс“ се проценуваат на околу 20 милиони евра, управната зграда е под хипотека, а два погони се продадени. Од мај 2006, 51% од акциите во Отекс поседуваат струшката компанија КБК ДОО и Фани екстра скопско од Струмица.

Раководството на Отекс денеска оствари средба со претставници на вработените, но најави дека ставот на компанијата ќе биде соопштен дополнително.  

Г. Момироски
Фото: С. Костоски