Вработените во Основниот суд во Охрид денеска го продолжуваат генералниот штрајк што започна вчера. Тие бараат зголемување на платите, почитување на Колективниот договор во делот на исплатата на надоместоците од плата и враќање на поранешното работно време, од седум часот и 30 минути до 15 часот и 30 минути.

За време на тридневниот штрајк кој  се одвива во работните простории, ќе се извршуваат само притворските предмети, тестаментите, предметите со странски елементи и привремените мерки.

Објаснувајќи ги причините за штрајкот , синдикатот на УПОЗ соопшти  дека  платата на судиите во основните судови се зголемила од 15.600 на 37.800 денари, додека на административните работници, дактилографите од А-класа, судската полиција, на куририте и на хигиеничарите им останале или непроменети  или максимум биле зголемени за 1.500 денари.

Платата на административните работници е 9.423 денари, на дактилографите 8.800 денари, на вработените во судската полиција по 9.130 денари, а на куририте и хигиеничарите по 6.200 односно 5.600 денари.

Доколку по тридневниот штрајк не биде позитивно одговорено на барањата на вработените, УПОЗ најави нов повеќедневен штрајк.

Г.М.