Спортистите на теренот и навивачите на трибините се најдобрата глетка која може да се види на натпревар без разлика за кој спорт се работи. Оваа појава 25 години е честа во Охрид бидејќи „Рибарите“ навивале и навиваат за Охрид во фудбал, кошарка и ракомет.


Сино-белата боја на трибините е неизбежен декор на мечевите од Охрид, а викендов навивачката група прославува сребрен јубилеј или 25 години од своето постоење.


Често пати, навивачите им го даваат она на спортистите што им фали во одлучувачките моменти, затоа тие на некој начин „живот значат“.

– Секој клуб, секој спортист, секој град кој се натпреварува по спортските терени автентично и природно е да се препознава по боите на клубот, навивачите и нивната песна. Јас во мојата кариера имав среќа зад себе да имам армија „сини“ навивачи кои лично и индеректно ме бодреле мене го скандирале моето име и несебично навивале за охридскиот клуб – рече Весна Балазоска и додаде – Најдрагата публика, публика која знаеше да ја наполни „Билјанини Извори“ до последното седиште. Исто така публика која со нас патуваше на гостувањата нешто што неможам сеуште да го заборавам, а искрено и не сакам. Еден ден им посакувам на сите охридски спортисти да го доживеат тоа чувство да ги имаш своите навивачи ширум Македонија и на гостински терен да се чувствуваш како дома – заврши „рипчето“ со сино-бела крв.


И фудбалскиот стадион беше окупиран од „Рибарите“ кои на фудбалерите им беа 12-ти играч и најверен пријател без разлика на резултатот.

– Секој противник беше мотив за нас, но кога ќе ја слушнев песната од „Рибарите“ тогаш ме обземеше чувство дека можиме против секого. Фудбалот и другите спортови се играат за публиката, но сепак навивачите ја праваат онаа разлика, која не се опишува со зборови. Тие за нас беа неисцрпен мотив и без разлика на резултатот секогаш беа тука за нас – истакна некогашниот капитен на Охрид, Александар Велески.


В сабота 22 ноември на ракометниот меч меѓу Охрид и Прилеп ќе биде одбележат сребрениот јубилеј на охридската навивачка група.

– Ја имаме таа среќа на наш натпревар нашите најверни фанови да го прослават јубилејниот 25 роденден. Секако дека роденденот ќе биде мотив повеќе за нас и ќе направиме се да им возратиме со победа – потенцираше охридскиот стратег Горан Андоновски и дополни – Нашата ракометна приказна започна со взаемна љубов меѓу нас и навивачите. Затоа овој јубилеј е од многу посебно значење за мене исто така и за ракометарите. Минатите години без помошта од навивачите немаше да изградиме силен и стабилен тим со големи амбиции кои растат од година во година.


Поради јубилејот на „Рибарите“ целиот град е на нозе, сите се мобилизираат и со нетрпение го очекуваат денот кога Охрид ќе биде во сино бело.

Мх.П.