На 18 јануари, ден пред празникот на Крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан – Богојавление, Водици, Црквата се подготвува за големото торжество што ја очекува следниот ден. Поради важноста на јавувањето на Света Троица во водите Јордански, овој ден е наречен Навечерие на Богојавление (Водокрст, Водопост), и за него е определен еднодневен пост, како воведение во празникот на Просветлението. Мерата на постот за верниците, како и за останатите пости, се определува индивидуално, по силите на верникот и по благослов на духовникот, а во склад со Преданието.
На овој ден се богослужат Царски часови, како и голема вечерна со Василиева Литургија.
Крстот ќе биде положен во Езерото во 10 часот
Богослужбите во охридските парохиски цркви на 19 јануари, ќе почнат во 7 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски неколку минути пред 10 часот и ќе се упатат на пристаништето. Според предвиденото, точно во 10 часот ќе почне церемонијата на осветување на езерските води, по што од кај Светилникот на пристаништето ќе биде положен чесниот крст во студените води на Охридското Езеро.
Точно напладне, пак, кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи и традиционалното свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, околу пладне, на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е забавна програма за посетителите, со концерт на групата „Некст тајм“. Во Центарот за култура „Григор Прличев“, во организација на Црвен Крст од 9 до 15 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.
Безбедносни мерки
Градот забрзано се подготвува за празнувањето на Водици. Нуркачите го исчистија дното на езерото кај пристаништето, каде верниците ќе пливаат по крстот, направен е безбедносен протокол во вода и на копно, украсени се пристаништето и центарот на Охрид. За Водици на сила во Охрид ќе бидат посебни безбедносни мерки. Во текот на денот, за сообраќај ќе биде затворен булеварот „Македонски Просветители“ од пресекот со улицата „Партизанска“ кон „Кеј Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“ како и улицата „Коста Абраш“, додека на кружниот тек кај градското пристаниште и на плоштадот „Крушевска Република“, ќе биде забрането запирање и паркирање на моторни и други возила.
Како изгледа чесниот крст под вода?
Култот кон Водици во Охрид е голем. Во секакви времиња охриѓани наоѓале начин да ја продолжат традицијата. Крстот се фрлал тајно, некогаш во езерото, некогаш во црква, а денес тоа се прави свечено на цело Охридското Езеро.
Познатиот охридски фотограф Емил Јовановиќ со децении ги следи богојавленските празници во Охрид. Тој пред празникот повремено го фотографира крстот кој се положува во езерските води.
Целта, освен овековечување на овие значајни моменти за градот, е да им се прикаже на младите кои ќе скокаат по крстот како всушност изгледа оваа светост под вода. За да стигнат до него треба добро да се подготват, но и да нурнат во студените води. Најхрабриот и најсреќниот стигнува до чесниот крст. – вели Јовановиќ.
Што славиме на Водици?
Празникот Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици, е востановен во спомен на Христовото крштевање. Споменот се однесува на 6-ти Јануари (19-ти според Јулијанскиот календар) по традицијата која вели дека Спасителот се крсти тој ден и во согласност со евангелието кое кажува дека Господ се крстил кога имал околу 30 години, односно околу Божиќ.
Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.
Постои благочестиво предание на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа вода се користи преку целата година, за по нејзината сила здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие.
Г. Момироски
Фото: Емил Јовановиќ/ Анамарија Момироска