Пред празникот на Крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан – Богојавление, Водици, Црквата се подготвува за големото торжество што ја очекува следниот ден. Поради важноста на јавувањето на Света Троица во водите Јордански, овој ден е наречен Навечерие на Богојавление (Водокрст, Водопост), и за него е определен еднодневен пост, како воведение во празникот на Просветлението. Мерата на постот за верниците, како и за останатите пости, се определува индивидуално, по силите на верникот и по благослов на духовникот, а во склад со Преданието.
На овој ден се богослужат Царски часови, како и голема вечерна со Василиева Литургија.
Крстот ќе биде положен во Езерото во 10 часот
Богослужбите во охридските парохиски цркви на 19 јануари, недела, ќе почнат во 7 часот наутро. Годинава свети литургии со почеток во 8:15ч. ќе се одржат во четири парохиски цркви; Успение на Пресвета Богородица – Каменско, Св. Никола – Геракомија, Св. Никола – Долна Влашка Мала и Св. Георгија – Горна Влашка Мала. Литиите кон градското пристаниште ќе се упати во 9:45 часот. Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето ќе го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Точно напладне, пак, кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи и традиционалното свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ предвидена е богата музичка програма. За доброто празнично расположение, ќе се погрижат: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата ДНК, со композиции од музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“.
Безбедносни мерки
Градот деновиве интензивно се подготвуваше за празнувањето на Водици. Нуркачите од Клубот за подводни дејности Охрид го исчистија дното на езерото кај пристаништето каде верниците ќе пливаат по крстот, направен е безбедносен протокол во вода и на копно, украсени се пристаништето и центарот на Охрид. За Водици на сила во Охрид ќе бидат и соодветни безбедносни мерки.
Како изгледа чесниот крст под вода?
Култот кон Водици во Охрид е голем. Во секакви времиња охриѓани наоѓале начин да ја продолжат традицијата. Крстот се фрлал тајно, некогаш во езерото, некогаш во црква, а денес тоа се прави свечено на цело Охридското Езеро.
Познатиот охридски фотограф Емил Јовановиќ кој со децении ги следи богојавленските празници во Охрид пред празникот под вода го фотографираше дрвениот богојавленски крст кој со децении се положува во езерото. Крстот минатата година се скрши, но благодарение на охридскиот копаничар Кочо Аиноски тој е поправен и подготвен за верската манифестација.
И „Св. Наум“ подготвен за Водици
И годинава Водици свечено ќе бидат одбележани во манастирскиот комлекс „Св. Наум“ каде од година во година расте бројот на посетители за празникот.
Одбележувањето на Водици во Св. Наум годинава ќе има двојна програма, духовна и културно – забавна. На празникот, во манастирската црква на 19-ти јануари утрото, во 7:15 часот, ќе биде отслужена богослужба. Литијата од црквата кон пристаништето Св. Наум ќе се упати во 10 часот, а чесниот крст во водите на Охридското Езеро ќе го положи игуменот на манастирот Нектариј во 10:30 часот.
Од 12 часот во ресторан „Острово“ организарана е забавна програма во рамки на која ќе настапи Игор Димовски со познатиот проект „Пауза за ракија“.
Што славиме на Водици?
Празникот Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици, е востановен во спомен на Христовото крштевање. Споменот се однесува на 6-ти Јануари (19-ти според Јулијанскиот календар) по традицијата која вели дека Спасителот се крсти тој ден и во согласност со евангелието кое кажува дека Господ се крстил кога имал околу 30 години, односно околу Божиќ.
Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.
Постои благочестиво предание на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа вода се користи преку целата година, за по нејзината сила здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие.
Г. Момироски
Фото: Емил Јовановиќ/ Анамарија Момироска