Нова еколошка акција на искрените вљубеници во природата, и нов резил. Нуркачот Никола Паскали од клубот „Акватек“ уште еднаш ни ја покажа грдата слика на нашите лоши навики, вадејќи поголема количина најразличен цврст отпад од Охридското Езеро.

Во денешната соло еко акција беа извадени: една платнена торба која ја наполнив со пластични шишиња, најразлични пластични кеси и лименки, стара пераја, пластични кутифчиња од прехрамбени производи и многу други слични работи кои ги користиме во секојдневниот живот, една пластична кофа, ретровизор од „Југо“, автомобилска гума и гума од товарна работничка количка. На една од лименките имаше датум, 2016 година. – вели Никола.

Да не дозволиме Охридското Езеро да стане депонија од нашиот отпад, апелира нуркачот и екологист Паскали, посочувајќи дека секој ден треба да биде Ден за заштита на природата и животната средина.

Поминаа светскиот ден на водите и светскиот ден на планетата земја. Сакам да ве потсетам дека секој ден е ден на водите и ден на планетата земја. Чувајте ги водите и нашата планета зошто немаме други. Чувањето на овие нешта е и чување на сопственото здравје. Да бидеме одговорни, да ја чуваме животната средина и живиот свет, зошто живееме во симбиоза. Треба да соработуваме со природата, а не да ја уништуваме. Од нас зависи. – порача Паскали.