Пешачката патека од каналот до Хотел Парк е единствена од таков вид во градот каде охриѓани и посетителите можат да се релаксираат, да пешачат или да возат велосипед. Но, наместо мир и рекреација во последно време граѓаните се соочени со дрското однесување на моторџии кои пешачката патека ја имаат претворена во тркачка писта.
„Во последно време голем број граѓани кои поседуваат веспи и мотори ја користат оваа патека која треба да овозможи релаксација. Зошто се дозволува користење на оваа патека на моторни возила кога тоа е овозможено со автопатот од горната страна“, прашува нашата читателка, Оливера Наумоска..
Навистина е непријатно кога во текот на пешачењето постојано треба да внимавате да не ве прегази некој мотор, вели Наумоска. „Апелирам ако е можно локалните власти да забранат користење на оваа патека за моторните возила се со цел да не ја изгубиме и оваа патека“, додава нашата читателка. Нејзината е една од бројните реакции што пристигнаа до нашата редакција во врска со злоупотреба на рекреативната патека од мостот кон Горица од страна на моторџиите. Дел од нив судејќи по возраста прашање е дали имаат и дозвола да управуваат со мотор, а неретко на тој простор има и трки или разни други егзибиции. Апсурдот да е поголем моторџиите секојдневно минуваат пред Полициската станица за безбедност во сообраќајот.
ohridnews