Што се случи со бродот „Илинден“ на 5-ти септември? Одговорот на ова прашање треба да го даде финалното вештачење на бродот што според најавите ќе биде направено денеска.

Експерти од земјава, од Хрватска и од Франција, ќе ја тестираат издржливоста на бродот. За таа цел тој ќе биде оптоварен со тежина приближно еднаква на таа што ја имал кобното утро на 5-ти септември, кога од засега непознати причини бродот потона во водите на Охридското Езеро кај Елешец , при што животот го загубија петнаесет туристи од Бугарија.

Пред околу шест недели професорите од Машинскиот факултет во Скопје, го испитуваа техничкиот дел на бродот Илинден. Беше  проверена рамномерноста на трупот на бродот, дебелината на лимот, а беа направени и специјални ултразвучни мерења. Исто така делови од машинскиот дел на бродот беа однесени на специјални испитувања во лабораториите во Скопје.

Засега единствениот обвинет за потонувањето на „Илинден“ е капетанот на  бродот Сотир Филески, кој од 30 октомври  е во домашен притвор. Резултатите од вештачењето, ќе треба да покажат дали обвинителен акт ќе биде покренат и против други лица.


Ohridnews