Угостителските објекти ќе работат до 23 часот, државната администрација треба да го организира работењето од дома или во смени, а капацитетот на јавниот превоз ќе се ограничи за 50 отсто. Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести со цел заштита од Ковид-19, кои Владата вчера ги усвои и истите веднаш стапија на сила.

Сите угостителски објекти ќе работат до 23 часот, освен оние кои вршат испорака, а целата државна и јавна администрација, општините и судовите треба да ја организираат работата во смени, онлајн од дома или пак редуцирано со систем на ротации.

Согласно владината одлука, атлетската трка „23 Октомври“ ќе се одложи, и ќе остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации. Исто така, вчера беше одобрен и Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со КОВИД-19.

Овие предлози Владата ги прифати од Комисијата за заразни болести со цел заштита на јавното здравје и намалување на бројот на заболени од Ковид-19.

Инаку, измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, вчера не се најдоа на дневен ред на Собранието, откако опозицијата побара време да ги разгледа. Измените на овој Закон треба да бидат основа за спроведување на нови мерки за заштита од коронавирусот.

Со измените во Законот, задолжително ќе биде носење маска на отворено, ќе се забрани групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на четири лица.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека побарале пред да се изјаснат за законот да го разгледаат и да дадат свои предлози. Од опозициската партија велат дека сакаат да дадат свој придонес и поддршка во напорите за справување со Ковид-19.

Законот, би се нашол на дневен ред на следната собраниска седница на 27 октомври, кога се очекува на работа да се вратат и двајцата пратеници позитивни на Ковид – 19 од мнозинството, Лазе Танески и Исмаил Јахоски.

Министерот за здравство Венко Филипче пак, очекува пратениците да покажат одговорност и итно да ги донесат новите мерките за заштита од Ковид-19, бидејќи, нагласува, состојбата е сериозна.

Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласа овој пакет мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави, потенцираше вчера министерот Филипче.

Тој им порача на граѓаните дека постоечките мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат.

Состојбата е сериозна, дополни вчера Филипче, кој информираше дека болничките капацитети се исполнуваат, а пациентите се сместуваат и во модуларната болница на Инфективната клиника.
Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата, во болницата во Куманово, Штип, Струмица. Почна да се полнат и одделенијата во Кавадарци и Гостивар.

Болничките капацитети забрзано се исполнуваат. Се преполнија некои болници. Почна да се полни одделението во Кавадарци и во Гостивар. Во Прилеп и Битола се менаџира меѓу двата центри. Во Охрид добро се менаџира бројот на хоспитализации и тука има слободни болнички кревети. – информира Филипче.

Според министерот за здравство, доколку се оцени дека овие капацитетите кои се димензионирани да бидат резерва се исполнуваат, тогаш ќе препорача целосна рестрикција во движењето, односно полициски час.

Тој додаде дека пред нас е најризичниот период од неколку месеци, есенски и зимски месеци во кои може да се комплицира епидемиската ситуација во земјата и со дополнителен број на случаи од други заболувања, сезонски грип и настинки.

Почитувањето на мерките, носењето на маските и одржувањето на дистанца освен што значи заштита на сопственото, јавното здравје, здравјето на најблиските, значи и почит кон работата на здравствените работници кои деноноќно од почетокот се борат со оваа криза, рече Филипче.

Заменик министерот за зравство, Илир Хасани синоќа појасни дека рестриктивните мерки се единствени мерки со кои може да се спречи ширење на инфекцијата од Ковид-10.

Според Хасани, ние се наоѓаме во разумна долна граница на рестриктивни мерки, но ако бројката на новозаболени се зголемува, постои можност да ги засилиме.

Ние се наоѓаме во разумна долна граница на рестриктивните мерки, тоа не значи дека треба да се опуштаме туку во доменот на долната граница што е разумна за да во секој момент се има ефект од мерките. но во никој случај не се исклучува дека рестриктиктивните мерки ќе може да ги засилиме врз основа на бројката која што се зголемува последните недели, посочи заменик министерот.

Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 408 случаи на Ковид-19, од кои 23 во Охрид. Оздравени се вкупно 281 пациент, а починале четири лица.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 24196, бројката на оздравени пациенти е 17673, а на починати е 850. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5673.

OhridNews