Театарска сала која ќе ги задоволи техничките потреби за современа и модерна театарска продукција, простории за потреба на музичарите, младински културен центар се дел од размислувањата за тоа „Што му треба на Охрид“ од страна на уметниците, музичарите, културните работници и занаетчиите во градов. Велат дека Охрид има големи потенцијали, но е потребна стимулација и институционална поддршка, со што се согласуваат и од Занаетчиската комора кои сметаат дека е потребно организирање на саеми и работилници за промоција и презентација на охридските занаети, како и афирмација на занаетчиството.
Есенцијална потреба за театарските работници за Охрид навистина да ги добие епитетите кои ги заслужува е изградба на театарска сала, вели актерот Никола Тодороски.
За навистина Охрид да се нарече град на светлината, лулка на писменоста, културен центар, балкански Ерусалим, треба конечно да се изгради театар.
Тоа е место потребно на секој град каде што ќе се отсликува животот и каде што е дозволено и потребно да се мечтае за поубав живот.
Без таков објект во 21 век, во кој ќе опстојува живата уметност, мислам дека сите овие епитети звучат само како застарени фрази, додава Тодороски.
И Филип Ангеличин Жура кој делува во културниот сектор смета дека реална потреба на театарските работници е изградба на нова театарска сала. Ттој додава дека се потребни промени кои ќе ја поттикнат промоцијата и продукцијата на културни настани, како и просторно катче во кое младите ќе ја изразуваат својата креативност.
Како човек кој делува во културниот сектор, а и се бави со промоција на музички бендови и секако стендап настапи, сметам дека на Охрид му е потребен Младински културен центар, со единствена цел да стимулира, промовира и продуцира современи културни настани, катче каде што младите ќе творат и ќе имаат каде да ја презентираат својата креативност.
Секако, дамнешна желба, а реална потреба на театарските работници во градот е и нова театарска сала која ќе ги задоволи есенцијалните технички потреби за современа и модерна театарска продукција, вели Жура.
Во Охрид ден денес постојат и работат извонредно добри музичари и изведувачи од сите области на музика како класична, поп или рок и се разбира народна и староградска музика. За жал севкупните општествени збиднувања и ерозијата на вредностите најдиректно ја погоди оваа категорија на уметници и нивната пазарна вредност го достигна минимумот кој не може да обезбеди ни гола егзистенција, вели Венко Пашоски претседател на здружението „Музички еснаф“ во кое членуваат повеќе од 150 музичари од Охрид и Струга, а чија цел е унапредување на правата на музичарите и заштита и промоција на охридската староградска музика.
Можеби идните локални власти ќе се сетат дека Охрид има музичко наследство кое заслужува многу поголемо внимание и институционална заштита од страна на локалната власт. Ние како „Охридски музички еснаф“ и музичари се чувствуваме повикани и подготвени да соработуваме, да помогнеме и дадеме придонес во таа насока преку свои идеи и проекти. Но, за сето ова потребна ни е поддршка од локалната самоуправа во вид на минимални финансиски средства и обезбедување на просторни услови за кои потреби сме се обратиле многу пати во минатото, но до ден денес немаме позитивен повратен одговор. Се надевам дека ќе се поттикне размислувањето кај локалната власт за оваа вредност и ќе се прееземе иницијатива за заштита на охридската староградска музика како културно наследство за да не биде музички извулгаризирано, или преземено како нечие туѓо музичко остварување, додава Пашоски.
Уметникот Славко Упевче смета дека се потребни промени не само во културата, туку и градот, за Охрид да биде поубав.
Како прво: да се распише конкурс за нов амблем на градот, сегашниот е карикатура со желади, круна и едрилица кој е усвоен без критериум.
Второ со години апелирам Чинарот да добие соодветен третман со оглед на неговата старост, да се отстранат тенеќината околу него и чешмата од Охридска банка (за жал непостоечка), да се замени со нешто слично како во Белград (Књез Михајлова).
Да се тргнат корпите за отпад со сега нов дизајн зато што околу нив се одлага отпадот од куќите и становите.
Во последниве 10 години откако сум претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид секогаш се трудам да воспоставам коректни односи и со државните органи и институции и локалната самоуправа, но таа соработка треба да биде подобра вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид.
Што се однесува конкретно, во оваа прилика за соработката со локалната самоуправа, морам да истакнам дека во изминатите 10тина години се сменија повеќе градоначалници и сметам дека со сите нив, соработката очекував да биде поголема. Од идниот градоначалник очекувам поголема соработка со Комората, со цел афирмација на занаетчиството, а со тоа и развој на алтернативниот туризам. Како занаетчии има навистина што да понудиме но потребна ни е помош и од општината. Организирање на саеми и манифестации би биле одлична можност за презентација на занаетите кои навистина пред домашните и странските туристи има што да презентираат.
Н.С.Ј./К.А./Г.М.