„Што му треба на Охрид“ за одржлив развој и заштита на животната средина? Денес изнесуваме ставови и мислења на лица стручни во областа на екологијата. Потребни се инвестиции во здрава и еколошка економија. Строго да се почитуваат стандардите за хумано урбано живеење при носењето на ГУП-от и ДУП-овите. Неопходно е спровдувања на два клучни процеси во градот де-урбанизација и де-узурпација, сметаат тие. Потребно е подигнување на свеста за рециклирање. Едукација на локалното население за отпадот, одржување на јавната хигиена и на периферијата на градот, но и решение за дивите депонии, депонијата Буково, поставување канти за отпадоци и велосипедски патеки, сугерираат еколошките чинители во Охрид.

На Охрид му требаат инвестиции во здрава и еколошка економија. Под итно да се скратат ограничувањата и долгите процедури за поставување фотоволтаични системи во домови и јавни објекти за користење сончева енергија која ја имаме во изобилство, Ѓоко Зороски, координатор на проекти од животна средина.

Да се привлечат инвеститори и дадат поволности за погони за производство на преработки од локални земјоделски производи, кои се обновлив ресурс. Да се воведе задолжителна селекција на отпадот во секое домаќинство, да се зголеми бројот на комунални редари и одржувачи на хигиената, да се присутни во текот на цел ден низ целиот град, да се зголеми бројот на надлежните инспектори од комунална и еколошка сфера и да се опремат со современи технички уреди за регистрирање на несовесните граѓани кои фрлаат и палат комунален или земјоделски отпад. Не може да се оди во бескрај со постојано градење и доградување. Не може на една иста површина постојано да се зголемува бројот на градби, станови, жители и возила. И дека треба да има некаков однос меѓу изградените површини и зелените површини. Строго да се почитуваат стандардите за хумано урбано живеење при носењето на ГУП-от и ДУП-овите. Да се сменат навиките на некои несовесни граѓани кои го „шутираат“ просторот со фрлање покуќнина и шут насекаде, со јакнење на свеста и строги санкции – присилна работа за чистење на диви депонии и со јавно објавување на нивните имиња, нема друго чаре после толку години апелирање и говорење на оваа тема. А нека остане добриот тренд на зголемување на бројот на охриѓани кои користат велосипед и оние кои слободното време го користат за шетање и истражување на природното богатство на нашиот регион.  Нека се воведе еколошка етика барем по 1 час неделно во основното образование, да се намали конзумеризмот, за да се врати таа потреба кон едноставен живот.

Охридската приказна е се уште многу далеку од успешна. Забарикадирани во немањето стратегија и визија и опседнати од личните и тнр. партиски интереси, и натаму добиваме политичка понуда без никаква стратегија и план за тоа како и што му треба на Охрид, сведена на парцијално нудење на тнр.проекти, вели Дејан Паноски, национален координатор на ГЕФ Дримскиот проект.

Водењето политика значи стратегија, визија, решенија и одлуки, храбри и независни од партискиот притисок и од хировите на неколкумина во градов. Но, имајќи предвид дека политиката се уште ни е базирана на ниво на чашитки од на пенџере и пустста желба за некое функцииче и интерес, надежтта дека ќе се случи позитивен пресврт е минимална. А за да може охридската приказна да отпочне позитивно сепак треба многу. Како конкретни мерки прво се неопходни спровдувања на два клучни процеси во градот. Процесот на де-урбанизација или поточно суб-урбанизација како процес со кој урбанизацијата ќе се одвива надвор од централното и заштитеното подрачје со стриктна забрана (мораториум) за градежни активности во истото. Таа линија еднаш мора да се повлече храбро, колку и да е веќе задоцнето. Вториот процес е процесот на де-узурпација кој ќе значи враќање на сите узурпирани јавни површини онаму каде што припаѓаат. Тоа не е само правна постапка, туку постапка кој ќе го покаже односот на поединците и заедницата кон јавното добро на својот град. Како надоврзување на ова треба да се изврши промена на системот на комунална хигиена затоа што стануваме се понеорганизиран град во контекст на чистотата, а надежтта дека ќе го смениме менталитетот и односот кон чистотата и хигиената веќе очигледно станува залудна. И само после спроведувањето на овие процеси ќе може да почнеме да зборуваме за развој на Охрид, за заштита на природното и културното наследство, за развивање на туризам кој долго веќе го немаме во вистинска форма. Вакви одлуки може да донесат храбри и изградени политичари, не случајни луѓе. Во спротивно Охрид ќе си ја продолжи старата приказна на урбано оштетување, на задоволување лични бизниси и интереси, складирање на партиски кадри, и случаен туризам со нескриено задоволство дека сме први во некоја четврта, петта лига.

Потребно е воведување на екологија како задолжителен предмет во училиштата. Едукација и љубов кон животната средина уште од  пред школската возраст, вели Енис Хилми, слободен новинар и активист.

Репарирање или што веќе и да му треба на постоечкиот колекторот. Нови прочистелни станици. По светска технологија и терк ако може ве молам. Зошто езерото  е едно, а и светско и тука нема компромис. Подигање на свест за рециклирање на отпад. Можности за рециклажа. Исклучително високи казни за загадување на околината, додава Хилми.

Службите на градот е потребно да продолжат активно со спроведување на нивните активности за почист Охрид. Но, она што е од голема важност е и активно и постојано да се одржува јавната хигиена и на периферијата на градот. Истовремено, потребно е да се најде решение и да се искористат капацитетите на надлежните за да се исчистат дивите депонии во руралните места и селата кои гравитираат околу градот, велат од еколошката организација Чист Охрид.

Потребно е да се едуцира локалното население за отпадот, но и да се обезбедат услови за безбедно депонирање на било каков отпад. Службите мора да работат на тоа депонијата Буково да не се пали и да не загадува дополнително, а истовремено да се работи на обезбедување алтернативни капацитети за справување со отпад. Незамисливо е во 21 век сѐ уште да имаме депонии. Истовремено, треба да се обезбедат услови за селектирање и рециклирање, со тоа што ништо од тој отпад не би завршило на депонија, а исто така и за компостирање. Од друга страна, Чист Охрид апелира до надлежните да се постават канти за отпад на територијата на целиот град. Охриѓани се сведоци дека канти за отпад освен во централното градско подрачје е тешко да се најдат на други места низ градот. Изминатиот период Чист Охрид во неколку наврати од надлежните бараше да се постават пластични столпчиња на велосипедските ленти кои минатата година беа означени во градот. Од Општина Охрид тогаш посочија дека проблемот е покомплексен, односно дека тука се вклучува режимот на сообраќај и продавниците кои имаат потребни дозволи за работа. Цврсто стоиме на ставот дека пластични столпчиња можат да се постават на повеќето ленти низ градот, поради тоа што посочениот проблем го има само на неколку места. Исто така, сметаме дека е неопходно постојано да се одржуваат велосипедските ленти и патеки низ градот за велосипедистите да бидат заштитени, но и ги охрабруваме властите да продолжат да создаваат нови, со цел да се развива велосипедизмот во градот.

Н.С.Ј./К.А./Г.М.