Рубриката што деновиве беше отворена на OhridNews во поглед на тоа „Што му треба на Охрид“ од повеќе аспекти, преку изнесување на ставови и мислења на лица инволвирани во различни области, предизвика интерес и кај нашите читатели. Во продолжение ви пренесуваме дел од коментарите напишани на нашата фејзбук страна во однос на тоа „Што му треба на Охрид“?

Менување на целокупната доводна и одводна мрежа во стариот дел од градот, сообраќајно поврзување – копнено со завршен автопат и воздушно со отворање што повеќе авио линии. Современ градски музеј, универзитети или подграноци на универзитети, нов театар, културни катчиња, велат нашите сограѓани. Додаваат дека е потребна рекреативна патека до Св. Наум и Струга и  велосипедски патеки. Мини автобуси за прошетка по стариот дел на градот, терени со жичари по Галачица.  Стопанисување со репрезентативни објекти. Изградба на нови фабрики и нови хотели. Катни гаражи. Контејнери за селектирање на отпад, во дворовите на секое училиште. Градски чешми и фонтани. Јавни тоалети, соблекувални по плажите. Парк за кучиња како и секој светски културен град.

Потребен е краткорочен, среднорочен и долгорочен план за развој на градот. За долгорочниот треба да се одговори на прашањето: Дали Охрид како град ќе живее од туризам или од индустрија, како што беше до пред 15-20 години? вели Митко Довле.

Ако е одговорот туризам, тогаш потребно е изградба на комплетно нов колекторски систем и целосно затворање на стариот кој е дефектен. Менување на целокупната доводна и одводна мрежа во стариот дел од градот, а после и на другиот дел од градот. Сообраќајно поврзување – копнено со завршен автопат, воздушно со отворање авио-линии што повеќе и водено-редовни бродски линии со Албанија за превоз на патници, а посебно превоз на роба. Обиколници околу Охрид за тешки товарни возила т.е завршување на обиколницата која треба да е од бензиската кај Билјанини извори према Велгошти и за накај Битола. Потоа, две ленти пат до Св. Наум. Проширување и модернизирање на улиците низ градот секаде онаму кај што просторот дозволува, паркинзи, информативни табли. Современ градски музеј отворен 24 часа. Решавање на комуналниот проблем со собраниот отпад и изградба на фабрика за отпад некаде надвор од градот, додава Довле.

  • „Мини автобуси за просетка по стариот дел на градот, катни гаражи, автопат, елитен туризам 12 месеци во годината, терени со жичара на Галичица, универзитет – да се спојат факултетите и да се отворат уште, да се селектира и обработува отпадот“, вели Соња.
  • „На Охрид му треба и Здравствен дом, кој ќе го подобри превентивниот дел на здравствената заштита, а Охрид ќе го направи побезбедна туристичка дестинација“, вели Ајсел Зејноска, директорка на Здравствен Дом Охрид.
  • „На Охрид му требаат три спратни паркинг гаражи и тоа да бидат последните згради во наредните 20 години, единствено треба да се градат нови фабрики и хотели од странски инвеститори, инфраструктура и нови автопати“, вели Трифун.
  • „Многу му треба на Охрид. Пред се никој не спомнува јавни тоалети, што е многу важно за еден туристички град. Соблекувални по плажите и една голема трибина со седишта за летната сезона. По станиците за превоз со комбињата да има возен ред“, вели Марија Чумангова.

  • „Контејнери за селектирање отпад, посебно за пластика и хартија, ама затворени, во дворот на секое училиште, било основно или средно“, вели Марија Ставреска Мицеска.
  • „На Охрид му се потребни јавни тоалети, велосипедски патеки, нов театар, стопанисување со репрезентативни објекти како Палас, пристаништето пред него, поранешниот ПТТ, мостот на желбите, катни гаражи и целосно подобра инфраструктура и во градот и до Св. Наум“, вели Весна Симјаноска.

На ова значајно место Охрид-Лихнид или градот на Белото Езеро или градот на Боженствената светлина му треба универзитет или подграноци на универзитети, вели Никола Упевче, кој посочува и што не му треба на Охрид.

Старо градско јадро, рекреативна патека до Св. Наум и Струга, грижа за езерото. Селектирање на отпад, градски чешми и фонтани, плоштади и културни катчиња. Современ пристап во „менито“ од туристичката понуда. Почитување на амбиентот во кој се наоѓаат примерите на светско природно и културно наследство. Современ пристап за сообраќајни решенија и организација на јавен еколошки превоз. На Охрид не му треба необразованост, напуштени и несоодветно реконструирани и адаптирани куќи со апартмани, сообраќајна некултура, огромен број возила, паркинг на улица. Несоодветни адаптирани плажи и шанкови со „шунд“ музика. Ова езеро не е акумулација, не му треба неконтролиран риболов. На Охрид не му треба вандализам на општествени добра, несоодветни градби, надградби и доградби кои ја нарушуваат автентичноста, додава Упевче.

Н.С.Ј.