Во населбата Далјан, на потегот од новиот комплекс згради и старскиот дом во изградба кон Извидничкото  одморалиште, тешка градежна механизација насипува земја и шут во Охридското Езеро. Екипата на OhridNews попладнево тука затекна камион како истура земја, која потоа  се рамнеше со багер.

За какви активности станува збор,  што се гради во езерските води во Далјан, кој ги изведува градежните работи, има ли дозвола за тоа, кој орган ја издадал или се работи за уште еден пример на узурпација на езерото и уништување на животната средина? Одговор на овие прашања треба да дадат надлежните институции и соодветните инспекциски служби кои се известени за случајот.

Пред околу еден месец, исто така во населбата Далјан, во водите на Охридското Езеро беше забележана градежна механизација како црпи песок, што крена голема прашина во јавноста. Имаат ли можеби некаква поврзаност овие случаи, исто така одговор треба да дадат надлежните институции.

Охридското Езеро поради своите уникатни карактеристики и ендемичност, пред четири децении е ставено на листата на УНЕСКО како заштитено светско природно наследство, но поради негрижата и драматичното уништување во изминатите 20-30 години, тоа сега е доведено во опасност да го изгуби бесценетиот статус на универзална вредност од значење за целата планета.

Г.М.