Од минатата недела во слободната зона ТИРЗ Струга – Охрид, во тек се градежни активности. Багери и кипери вршат некави работи во зоната, која е во непосредна близина на заштитеното Охридско Езеро.
Засега јавноста нема информации што и кој гради во слободната зона во близина на Охридскиот аеродром.
Се обративме до Дирекцијата за ТИРЗ. Но и овој пат, не добиеме одговор на поставените прашања на официјалната електронска адреса на дирекцијата за тоа кој гради, дали можеби се работи за нов инвеститор, дали има некаков проект врз основа на кој се преземаат дејствијата, или можеби станува збор за бесправни работи, што стана и до каде се најавените инвестиции како РЕЏИ енд САНС и други? Се обидовме да дознаеме нешто повеќе од официјалната веб страна на Дирекцијата за ТИРЗ, но и таму нема информации за активностите во слободната зона во Струга и реализацијата на долго најавуваните инвестиции во Охридско-струшкиот регион.
Освен фабриката на германски ODW кој е присутен во Македонија шест години, во ТИРЗ Струга – Охрид, засега нема други странски инвеститори, иако имаше силни најави. Некои дури беа и промовирани по повеќе пати.
Во првиот квартал од годината вкупните директни инвестиции во земјава изнесуваат околу 140 милиони евра, во најголем дел реинвестиции на добивката на големите компании со странски капитал. Засега нема најава за активности во зоните поврзани со најавените странски инвестиции. За разлика од кај нас, соседна Србија во екот на корона кризата, деновиве најави отварање на два нови капацитети на странски инвеститори. Во слободната зона во Нови Сад во септември со работа ќе почне фабрика за турбо полначи, која ќе вработува 500 лица. Во Ниш пак, премиерката Брнабиќ и амбасадорот на Кина Чен Бо ја промовираа инвестицијата на „Xingyu Automotive Lighting Systems“ во фабрика вредна 60 милиони евра, која според најавите ќе вработува 1000 лица.
Г.М.