Условите за социјализација на лицата со пречки во интелектуалниот развој од Охрид, значително се подобрени со отварањето  на Центарот за лица со интелектуална попреченост “Порака” . Специјализираниот дневен центар, кој функционира околу седум години, во голема мера ја има олеснето обврската на семејствата околу згрижување и чување на овие лица.


Во оваа установа со осумчасовен дневен престој се згрижени 15 лица, на различна возраст, кои имаат тешки или умерени пречки во психичкиот развој. Со лицата работи посебно обучен и стручен тим од Дефектолог и Социјален работник. Дневниот центар “Порака” работи во рамките на Републичкиот  Центар на лица со интелектуална попреченост.

-Целта на “Порака” е лицата со пречки во интелектуалниот развој, да се осамостојат и во најмала рака да се научат сами да ги задоволуваат своите основни животни потреби. Покрај тоа што се олеснува животот на семејствата од овие лица, Центарот придонесува и за нивна меѓусебна разонода и дружење.-вели Зоран Костадиноски, дефектолог во Центарот “Порака”.


Активностите кои ги работи определено лице се врз основа на неговата психичка способност. Центарот располага со соодветни просторни и нагледни средства, кои придонесуваат за негово нормално функционирање.

-Престојот во Центарот е организиран по специјален план и програма. Покрај друштвените игри и работно-окупационите активности, лицата што престојуваат во центарот се учат сами да ги подготвуваат своите оброци, да ја одржуваат личната хигиена и хигиената на просториите. Интересен е фактот што овие лица толку меѓусебно се помагаат и се почитуваат, што наликуваат на едно семејство. – вели Костадиноски.

Тој објаснува дека доколку некој ден, се случи некое лице да не дојде во Центарот, останатите ја чувствуваат неговата отсутност и постојано прашуваат за него. Покрај тоа што штитениците на “Порака”, се сакаат меѓусебно,  нашата екипа се увери дека, тие се многу друштвени и многу сакаат гости.


По повод Меѓународниот ден на лица со посебни потреби, штитениците на Центарот, вчера им врачија Благодарници на сите фирми и институции, кои изминатава година го потпомогнале функционирањето на истиот.

Посебна благодарност упатуваме до градоначалникот на Општина Охрид, по чија што иницијатива, во март годинава ни беа обезбедени овие простории. Иако имаме потреба и од други средства и опрема, со преселувањето во новите простории, се реши еден од поголемите проблеми со  кој се соочувавме. -велат вработените во Центарот.


Центарот “Порака”, порано фукционираше во приватен стан, кој беше најмен под кирија, но од март годинава се пресели во сутеренот на ОУ.„Братство Единство“, кај Крст Џамија.

                                            Е. Е.