Штетите од пожарите се милионски, последиците врз здравјето, природата и иднината непроценливи. Глобалното затоплување на планетата Земја секоја година ја наметнува потребата за итно, подобро и навремено организирање и координирање на надлежните институции и населението за заштита од пожари. Целта е да се спасат шумите и да се заштити животната средина, со што воедно ќе се намали и глобалното затоплување, кое го доведува во прашање и нашиот опстанок на планетата, велат за МИА познавачи на состојбите во шумарскиот сектор.

За да нема пожари во иднина и да не страдаат шумите, велат, неопходни се реформи, зголемување на противпожарната свест, зајакнување на превентивните и подготвителните мерки за заштита. Во спротивно, би изгубиле огромно природно богатство, бидејќи штетите од пожарите се ненадоместливи.

Над 38 милиони денари изнесува вкупната штета од опожарена шума во 73 пожари од јануари до јуни годинава. Лани имало 170 шумски пожари, на 5,772.48 хектари опожарена површина, за што биле потрошени близу три милиони денари за гаснење, покажуваат податоците што за МИА ги сподели заменик-директорот на „Национални шуми“ Кире Михаилов.

Овие штети се многу поголеми, ако се има во предвид бесценетото значење што шумите воопшто го имаат во природата.

Во 2022 и минатата година имало вкупно 274 пожари. Кога станува збор за видот на шума опожарена во тие пожари, податоците покажуваат дека гореле лисјарска, иглолисна и мешана шума. Во 2022 година најмногу пожари по хектари се случиле во Гевгелија, Охрид, Скопје и Кичево, а лани во подружниците Кочани, Штип, Гевгелија, Прилеп, Св. Николе, Крушево, Македонски Брод, Скопје и Гостивар.

Заменик-директорот на „Национални шуми“ Михаилов појаснува дека проценките за настанатите штети од годинашните пожари ќе бидат комплетирани откога ќе се изврши контрола на терен заедно со Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

Се уште беснеат пожари во источна Русија, кои избувнаа на 217 локации и зафатија површина од 837.813 хектари.

Човечкиот фактор во 99 проценти причина за пожарите

Љубинка Попова, шумски инженер со над 30 години искуство во подружницата на Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес во изјава за МИА вели дека во 2022 година во земјава имало најмногу пожари во изминатите 10 години, но дека летово е уште покритично.

Пожарите се гаснат во моментот кога ќе се појават, ако се испуштат, наредниот и следниот ден се веќе други методи на гаснење, при што неопходно е и гаснење од воздух со воздухоплови. Со разгорувањето на пожарот теренот најчесто е недостапен и длабоко во шума, тоа веќе е комплицирана состојба за гаснење на пожарот, на пример, како што беше пожарот на планината Серта, нагласува Попова.

Таа потенцира дека пожарот никогаш не се појавува во високите предели, туку во близина на некое населено место или пат и секогаш причинител е човечкиот фактор.

При појава и на најмал пожар на отворено, веднаш да се мобилизира населението најитно во периодот од 30 до 40 минути и да се гаси со мотики, лопати и грибли, за да не се прошири. Но кога огнот ќе се прошири, тогаш за жал се потребни други покомплицирани методи на гаснење на големи површини, појаснува Попова.

Дека човечкиот фактор во 99 проценти е причина за пожарите, потврдува и Михаилов, кој открива дека дел од подружниците имале поднесено пријави против предизвикувачите на пожари.

Да се обнови шума потребни се најмалку од три до четири децении

Биолошката состојба за едно дрво да биде технички корисно, минимум се потребни од 30 до 40  години, вели раководителот од кумановската подружница на „Национални шуми“, Велимир Ранковиќ.

Биолошки тоа егзистира, но од економски аспект како шума, како вредност и како квалитет што може да се искористи техничко или како огревно дрво, високостеблените шуми имаат тонус до 100 години, а нискостеблените до 50 години. Ние садиме едногодишни или двогодишни садници. После десетата или петнаесетата година, се гледа дека садницата, подмладокот има придонес во однос на воздухот.  Биодиверзитетот е уште позначаен за  животинскиот свет кој е избеган, затоа што мора да се имаат предвид и негативните ефекти од пожарите како понирање на земјата, појава на свлечишта, уништување на плодноста на почвата што може да произведува само коров, уништување на кабли на различна инфраструктура. Далекусежни се негативните последици од пожарите, нагласува Ранковиќ за МИА.

Пожарите голтаат милиони. Предизвикуваат огромни штети што подоцна се одразуваат врз природата, здравјето на луѓето и опстанокот. Бараат големи трошоци за справување со пламените јазици и ублажување на последиците. А се може да биде многу поедноставно, само ако се има малку повеќе внимателност. Старите рекле, подобро да се спречи, отколку да се лечи. Дури и не сакајќи или случајно да се предизвика пожар, доколку навреме се реагира, тој може да се изгасне дури и со чаша вода.

OhridNews

извор. МИА