Нашите ракометни репрезентативци не го криеа разочарувањето по пропуштената голема шанса да го осигураат првото место во квалификациската група за пласман во баражот кој води на ЕП, откако синоќа во Охрид одигра нерешено со Србија 32:32. Фантастичното навивање во преполнетата Билјанини извори не ппмогна да се совлада Србија која со подарок пенал во финишот стигна до злато вреден бод.
Борко Ристески
Голманот Борко Ристевски рече дека жали за слабата вечер и дека врз себе ја презема одговорноста за поразот. Тој рече дека им се извинил на колегите од репрезентацијата за слабото издание и најави дека ќе направи се на реваншот што се игра во сабота во Ниш да и помогне на Македонија да се пласира на првото место во групата што ќе ни донесе полесен противник во баражот.
Бранко Ангелоски кој мечот го заврши со 5 гола рече дека е пропуштена голема шанса и ги обвини германските судии за нееднаков критериум во финишот на средбата кога се кршеше резултатот. Тој смета дека во Ниш ќе биде многу тешко да се извлече поволен резултат(ни одговара и нерешено), и дека Македонија ќе треба да промени многу нешта во тактиката за да ја изненади Србија.
Селекторот Темелковски смета дека ништо не е загубено. “Оваа репрезентација сеуште е непоразена во групата а натпреварот со Србија на гости ќе ни покаже колкави всушност ни се можностите“, рече тој.
Најзадоволен по завршувањата на средбата беше гостинскиот селектор Јовица Цветковиќ кој ни изјави дека со постигнатиот резултат на Србија и се отвора шанса да го освои првото место во групата. “Денеска одигравме извонреден натпревар против извонреден тим каков што е Македонија и колку што јас треба да сум задоволен толку треба да е задоволна и оваа публика бидејќи има голема и добра репрезентација“, рече Цветковиќ.
И сосема за крај од oваа анализа. Плусот оди за навивачите. Ги имаше од сите краишта на Македонија и френетично ја бодреа Македонија во текот на целиот натпревар. Минусот е за организаторот кој дозволи во салата да има речиси двојно повеќе гледачи од капацитетот и вистинска среќа е што се се заврши добро на крај, и се надеваме дека на овој сериозен пропуст словенечкиот делегат Југ замижал.
Горан Момироски