Со наменските дотации се финансираат основните потреби во образованието, како што се греење, вода, комуналии, ситни поправки без кои училиштата не може да функционираат.
– Може и без компјутери и масички и други електронски помагала, но наставата не може да се следи доколку нема греење, нагласи Митре Велјаноски, раководител на Секторот за образование при Локалната самоуправа. „ Наспроти ова, додаде Велјаноски, Владата планира зголемување на платите за вработените во образованието со што сакаат да придобијат гласови за наредните избори“.
Велјаноски укажа дека со последните кратења на наменските дотации се доведува во прашање и организацијата на задолжителниот превоз на учениците, за што се потребни околу 8 милиони денари кои сега ќе недостасуваат .
Градоначалникот Александар Петрески смета дека Централната власт намерно ги крати средствата што од буџетот треба да ги добие општина Охрид, при што се кочи развојот на општината.
– Ако Владата не ни ги врати скратените средства, општина Охрид ќе го скрати времетраењето на школската година, најави Петрески.
Градоначалникот истакна дека продолжува тенденцијата на кратење средства кои и припаѓаат на општина Охрид, при што како најдрастичен пример го нагласи намалувањето на средствата од Фондот за патишта- од 23 на 7 милиони денари.
Покрај општина Охрид, наменските дотации им се скратени и на другите општини кои сеуште не влегле во втора фаза од процесот на децентрализација, како што се Арачиново, Врапчиште, Виница, Желино, Делчево, Пласница, Пробиштип.