„Шпигел онлајн“ му посвети голем текст на македонскиот ракометар, Кире Лазаров. Во него се констатира дека Лазаров, според некои најдобриот ракометар на светот, е знак на препознавање на македонската репрезентација.


 
„Тоа можеше да биде негово светско првенство. Сепак, македонската бајка, која почна величенствено во Вараждин, за Кирил Лазаров заврши добро, но не онолку добро колку што тој, во меѓувреме, си посакуваше“, пишува Арнулф Бекман во текстот со наслов „Македонскиот принц од бајките“, и продолжува:

„На крајот на турнирот, што репрезентацијата го заврши како едно од позитивните изненадувања на светското првенство со тоа што се пласираше на доброто 11 место, 28 годишниот играч и покрај големите пофалби беше малку тажен. ’Можеби звучи нереално’, признава Лазаров со спуштен поглед, ’но, ние овде дојдовме со цел да освоиме медал за нашата млада држава’. Тоа го вели без иронично смешкање, туку со длабоко убедување што го дели со големиот број навивачи кои огнено, со врели срца и јужноевропски темперамент,  ја поддржуваа екипата во текот на целото првенство. “


Лазаров е икона

Во текстот натаму, со многу пофалби, се анализира начинот на игра на Лазаров, неговата позиција во текот на играта и тоа – колку многу недостига во екипата кога е казнет, како во натпреварот против Германија во Хрватска. На крајот се констатира: „Во неговата татковина Лазаров веќе сега има статус на национален херој. ’Во нашата земја тој е икона’, вели Роберт Димитриевски, спортски новинар  во Утрински весник од Скопје. ’Кирил, покрај Горан Пандев, кој игра фудбал во Лацио, е врвен спортист.’ Димитриевски го познава 28 годишниот Лазаров веќе долго. И, го почитува, како и многумина негови колеги кои на трибините, на местата  за новинари, седеа со дресови со името на Лазаров, или кои покрај лаптопот си направиле мини-олтар со картички со автограм на нивната ѕвезда и македонското знаме. Тоа помогна само за екипата да стигне до главната рунда натпревари, во која заврши македонското чудо.

Најдобар стрелец не случајно

Лазаров на 18 годишна возраст дојде во ’Пелистер Битола’ и уште тогаш беше голем талент на македонскиот ракомет. Трипати едноподруго, од 1998 до 2000 година, младиот Лазаров ја освојуваше титулата национален првак. По преминот во ’Бадел Загреб’ освои две титули во првата хрватска лига во 2001 и 2002 година, а потоа во Унгарија, во ’Фотекс Веспрем’ четири титули едноподруго, од 2003 до 2006 година. Меѓународно внимание, сепак, привлече дури во сезоната 2005/2006 година, кога стана најдобар стрелец во Лигата на шампиони, со постигнати 86 голови. Уметничко дело, што го повтори и во сезоната 2007/2008, кога имаше дури 96 погодоци и ја делеше титулата најдобар стрелец со Олафур Стефансон од ’Сиудад Реал’, иако одигра четири натпревари помалку од Исланѓанецот.


Лазаров, не случајно, беше најдобар стрелец на светското првенство. Со 92 гола во девет натпревари, тој дури го урна и рекордот на Јужнокореанецот и долгогодишен играч во Бундеслигата, Киунг-Шин Јоон, кој во 1995 година, во Исланд, постигна 86 голови. Со тоа, светското првенство за Лазаров, сепак беше негово првенство“, се вели во текстот со наслов „Македонскиот принц од бајките“ објавен  во „Шпигел онлајн“

ohridnews