Шпанскиот тандем на клупата од Вардар, Раул Гонзалес Гутиерез и Давид Камара го продолжи договорот со клубот и во следните две години ќе го предводи првиот тим.


Раул Гонзалес како прв тренер и Камара како негов помошник минативе три сезони го издигнаа Вардар високо во ракометниот свет. Во Македонија, Вардар доминира, во СЕХА лигата играше финале, а неостварена желба е пласманот на Ф4 во Лигата на Шампиони.

– Со нашите тренери уште по завршувањето на сезоната имавме договор за продолжување на соработката. Сега, на почетокот на подготовките само ги конкретизиравме деталите. Тие ќе останат дел од клубот уште најмалку две сезони. Секако дека сме задоволни од досегашната соработка. Трипати стигнавме во четврт-финалето на ЛШ, ја освоивме СЕХА лигата и плус бевме финалисти, и ја одбранивме двојната круна во домашното првенство. Тоа се доволни препораки за останување и заеднички обид да се направи нов чекор напред во сезоната што доаѓа. Вардар секогаш има високи спортски цели и веруваме дека овој стручен штаб може да ги оствари. – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар за официјалниот интернет сајт од клубот.

OhridNews