Шпанската полиција соопшти дека во пристаништето во градот Валенсија запленила пратка со рекордни 5,6 тони кокаин, вредна повеќе од 340 милиони евра.

Дрогата била пронајдена во контејнер што пристигнал од Јужна Америка во едно од главните европски пристаништа на Медитеранот.

Според шпанското Министерство за внатрешни работи, запленувањето е резултат на истрага покрената кон почетокот на минатата година, поради сомнение дека под маска на увоз на овошје и зеленчук криминална организација вршела шверц на дрога во Европа. Според портпаролот на полицијата, засега нема уапсени, а истрагата е во тек.

Властите не прецизираа кога е извршена операцијата и од која земја дошол контејнерот.

Објавата за запленетата пратка на дрога доаѓа два дена откако Европол, заедно со властите во шест земји вклучително и Шпанија, покренаа операција за разбивање на „суперкартел“ што контролира околу една третина од европскиот пазар на кокаин. Во таа акција се приведени 13 лица. Односниот картел испраќал кокаин од Панама до шпанските пристаништа на Средоземното Море.

OhridNews