Во рамки на Шпанската вечер, на фестивалот Охридско лето во 21 часот во црквата Св. Софија концерт ќе одржат шпанските уметници Карлс Лама и Софија Кабруха. На програмата се дела М. Мошковски, Д. Басомба и Е. Гранадос.
Во светот се познати по неверојатната синхронизираност, брилијантната техника, како и одличното познавање на сите жанрови во уметничката музика. Пијанистите Карлес Лама и Софија Кабруха заедно музицираат уште од 1987 година. На нивниот репертоар се наоѓаат речиси сите големи дела за четирирачно пијано, уште од времето на Јохан Себастијан Бах, па сè до делата од 21-виот век, како и дела специјално компонирани за овој состав. Нивната активна изведувачка дејност ги носи на најпрестижните музички сцени, каде често соработуваат со некои од најзначајните светски оркестри и диригенти.
Исто така вечерва, од 20 часот во галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе биде отворена ликовната изложба „Мандала“ на Соња Чингарова Фотева.
Соња Чингарова Фотева е македонски автор, дипломира Историја на уметност и Археологија на Филозофски факултет, Скопје. Од 1991 година, сликарството станува нејзина определба. Автор е на повеќе самостојни изложби од 1993 година па сè до денес во Македонија и надвор од неа. Фокус на нејзиниот интерес и проучување се различните културни наследства и филозофии кои ги преточува во своите сликарски дела.
OhridNews