Светскиот првак Шпанија не дозволи да си поигра со своето реноме и ја совлада Португалија на гостински терен со 30-23 (14-12). Со триумфот над Португалија, “црвената фурија“ ширум и ги отвори портите на Македонија за пласман на Европското првенство во Данска.

На македонската ракометна селекција на дуелот в недела против Португалија неопходна им е било каква победа, со која ќе обезбедат пласман на ЕП.

Претходно избранците на селекторот Ивица Обрван ја остварија толку посакуваната победа над Швајцарија 27-22 (12-11).  Македонската ракометна фаланга се разбуди во вистинско време, Наумче Мојсоски (9 голови) погодуваше од секаде, Борко Ристовски бранеше се (10 интервенции), а кога требаше тука беше и капитенот Кирил Лазаров (6).

Целиот натпревар “црвено жолтите“ имаа предност која “играше горе долу“. Стигнувавме до шест погодоци, а веднаш се спуштавме до два, што не гарантираше мирен финиш. Но, репрезентативците не дозволија швајцарците да им ги поматат сметките и забелажаа победа изразена од +5.

Шпанија дефинитивно од поодамна го завери пласманот на ЕП, но со победата над „иберскиот“ противник ја осигураа првата позиција во групата.

Мх.П.