Актерите од Народниот театар од Охрид, Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски неодамна премиерно го изиграа пред македонската публика во Франкфурт, Германија, вториот дел од добро познатото кабаре „2Mothers Brothers“. Иницијатор, повторно, е нашинецот Петар Панов, а организатор клубот на Македонците во Франкфурт.

„Премиерата на кабарето, овојпат насловено како „2Mamas Bros vol.2“ , помина многу подобро од она што очекувавме, а показател за тоа беа реакциите на публиката која што неуморливо нè подржуваше со аплаузи и скандирања за време на целото шоу. Ме радува фактот што од сезона во сезона се зголемува бројот на публиката заинтересирана за вакви случувања како од Франкфурт, така и од другите градови низ Германија. Во однос на организацијата и пречекот таму ништо друго освен пофални зборови. Би сакал да упатам огромна благодарност за клубот на македонците во Франкфурт, тука би сакал да го издвојам г-дин Панов кој неуморливо се вложува за ваквите настани да поминат во најдобар ред. Благодарност до сите спонзори, а особено до Stefan Viegelius (DJ Vigi) кој беше главен „виновник“ за осветлувањето и озвучувањето на кабарето, без кого ние нема да можевме да се слушаме и гледаме.“ – вели Стрезо Стаматовски.

Дека шоуто топло е прифатено од нашинците во Германија говори и фактот што многумина поминаа стотици километри за да уживаат во шоуто на Никола и Стрезо.

„Ме радува фактот што имаше луѓе во публика кои специјално за овој настан патуваа и по 300 километри во еден правец само за да присуствуваат. Покрај од градот Франкфурт и околните помали градчиња, добар дел од публиката беа од Дортмунт, Штудгарт, Дизелдорф и други, а на наше општо задоволство овој пат имаше и претставници од Македонската амбасада во Бон.“ – рече Петар Панов организатор клубот на Македонците во Франкфурт.

Задоволство од приемот во Германија изрази и актерот Никола Тодороски

„Имавме прекрасна премиера во Франкфурт. Ова е моја четврта претстава таму и како и секогаш атмосферата беше посебна. Морам да се заблагодарам на Петар Панов за неговиот огромен ангажман за сиве овие претстави да станат реалност. На пролет планираме ново гостување во Германија и покрај во Франкфурт ќе имаме и во зошто од година во година интересот се повеќе расте.“ – истакна Тодороски.

Македонската премиера на кабарето „2Mamas Bros vol.2“ ќе биде во култниот охридски џез клуб „Џез Инн“ на 19ти овој месец. Билетите за премиерата се пуштени во продажба и може да се најдат во музичката продавница „Зизи Топ“.

OhridNews