Познатата актерка, оскаровка Анџелина Џоли, изјави денеска дека од страв поради семејната генетска мутација би можела да добие рак на дојките, направила превентивна двојна мастектомија (остранување на дојките) и ги повика другите жени да преземат неопходните чекори за да се уверат дали имаат сличен ризик.

Како што пренесува „Телма“, Џоли во авторскиот текст во „Њујорк тајмс“ наведе дека нејзината мајка прерано починала од рак и дека така открила дека има генетска мутација БРЦА1, која значително го зголемува ризикот од рак на дојките и јајниците.

– Кога дознав каква ми е реалноста, одлучив да бидам проактивна и да го минимализирам ризикот колку што е можно. Затоа одлучив да направам превентивна двојна мастектомија, наведе актерката.

Таа истакна дека тримесечните хируршки процедури се завршени кон крајот на април и се заблагодари на нејзиниот партнер, актерот Бред Пит за љубовта и поддршката.

Портпаролот на холивудската супердвојка не беше достапен за коментар.

OhridNews
извор:„Телма“