Наместо да влезат во Серија А, клубот на македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски, Палермо е исфрлен во Серија Ц со одлука на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) поради финансиски нерегуларности.

Според одлуката на Федералниот национален суд на ФИГЦ, Палермо ќе ја заврши сезоната на последното место во Серија Б, што значи третолигашка иднина, а нивното место во баражот за влез во Серија А ќе го преземе Перуџа, а опстанок ќе обезбеди и Венеција, додека Салернитана и Фоџа ќе се борат за опстанок во Серија Б.

Главен виновник за оваа одлука е контроверзниот поранешен сопственик на клубот, Маурицио Ѕамперини, кој наводно „перел пари“ преку клубот – продавајќи го брендот Палермо на компанија која сам ја формирал, пред потоа да го изнајмува името на клубот за минимален исход. Поради ова пропаднале повеќе обиди за преземање на клубот од Сицилија.

Оваа вест доаѓа помалку од една недела откако клубот доби нови сопственици и само два дена откако Палермо обезбеди бараж за пласман во Серија А со третото место во втората лига.

Секако, Палермо ќе се жали на оваа одлука, нешто што значи уште едно контроверзно лето во италијанската втора лига. Серија Б ја стартуваше сезоната 2018/19 во септември со само 19 клубови поради повеќе казни поради финансиски нерегуларности.

OhridNews