Богот на фудбалот си поигра со емоциите на навивачите чија радост за миг се претвори во тага. Македонија и Велс вечерва одиграа драматично реми 1:1 на арената „Тодор Проески“ во Скопје во квалификациите за пласман на Светското првенство. Двата гола паднаа во екстра времето по две грешки на одбраните на двете селекции.
Миовски во 91 минута ја казни големата грешка на Џо Ален за водство на Македонија, а Брукс во 95 израмни по лошото исфрлање на Муслиу. Конечниот резултат можеби е реален исход на натпреварот, но останува впечатокот дека Македонија испушти победа која ја имаше во раце.
Мечот почна со минута молк за жртвите од големата трагедија во Кочани, а во 59 минута публиката со громогласен аплауз им оддаде почит на 59 жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март.
Македонија и Велс со по 4 бода се на врвот на табелата во групата Ј. Квалификациите продолжуваат во јуни кога во Скопје гостува фаворитот Белгија.
Г.М.
Фото: ФФМ