Полициски службеници од ОВР Кавадарци денеска лишиле од слобода две лица на возраст од 22 и 35 години поради сомнение за сторено кривично дело „Безобзирно управување со моторно возило,“ предвидено во член 297 А од КЗ, а поради управување на возило под дејство на алкохол.

Кај едното лице е констатирано дека возилото го управувал со 2.65 промили алкохол во крвта, додека кај другиот констатирано е дека истиот го управувал возилото со 3.34 промили алкохол во крвта, информира МВР.

Ова е само еден во низата сообраќајни прекршоци кои секојдневно и во голем број се случуваат на нашите патишта. Потврда за тоа е полицискиот билтен од 25 февруери кога при сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, вклучително и Охрид, изречени биле 909 платни налози по основ на прекршоци сторени според одредбите од законот за сообраќај.

Ниската сообраќајна свест и култура, несовесното однесување и дивеењето во сообраќајот, кулминираа на 29 јануари кога Васил Јованов со возило кое го управувал без возачка дозвола, со 130 километри на час ја прегази 19-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, која почина на лице место.

Овој случај предизвика протести и револт во јавноста која е гневна на состојбите во безбедноста во сообраќајот. Граѓаните бараат поголема безбедност во сообраќајот, но и подобрување на патната инфраструктура во земјата која е во кастрофална состојба. Особено во Охридскиот регион кој повеќе од една деценија е речиси отсечен од остатокот од земјата поради неефикасната изградба на автопатот до Кичево во должина од 57 километри што започна во 2014 година а чиј крај се уште не е се гледа.

На ова укажуваат и резултатите од Анкетата што на оваа тема изминатиот период ја спроведе Охридњуз. На прашањето: Што е неопходно да се подобри безбедноста во сообраќајот кај нас? – 13 отсто од учесниците во анкетата посочиле дека е потребно да се подобри инфраструктурата, 14 отсто сметаат дека треба да се постават камери на главните улици и сообраќајници, 15 % бараат да се заострат казните, а 59 отсто сметаат дека треба да се направи се од претходно наведеното и да зе зголеми сообраќајната едукација. Во анкетата беа опфатени 1448 чиатели.

Охрид, како најголема туристичка дестинација во нашата земја, освен сообраќајната (не)култура го мачи и сообраќајната инфраструктура. Паркингот најмногу, особено во созона, кога во градот значитено се зголемува бројот на автомобили, но и на автобуси. Во насока на решавање на овој проблем, д-р Зоран Тунтев, редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид изготви сообраќајна студија за регулирање на дневниот паркинг и ефикасна времена дислокација на автобусите од централното градско подрачје.

Искуствата од другите туристички дестинации на Балканот и во Европа покажуваат дека паркингот за автобуси мора да биде дислоциран подалеку од градското јадро. Студијата нуди решение кое оди во прилог на растоварување на атрактивната зона, намалување на сообраќајниот импакт врз крајбрежниот појас и најфрекфентните градски улици. Конечно, оваа кратка студија дава прецизни инструкции на сите три релевантни институции, кои мора перманентно да соработуваат и координирано да спроведат неколку активности, а тоа се: локалната самоуправа, сообраќајната полиција и компанијата која ќе обезбеди адекватен простор за паркинг. – изјави за Охридњуз професорот Тунтев.

Решавањето на овој проблем е само еден сегмент од напластените проблеми во сообраќајот кои ја мачат заедницата која, со право, очекува конкретни мерки и решенија кои ќе ја подобрат безбедноста во сообраќајот и воопшто на живеењето во градот.

Г.М.

Нова анкета: Дали се потребни нови авио линии на аеродромот во Охрид?